Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Kaja Шукова во Кочани ја посетија извозно ориентираната компанија „Anthura MK“ , чија главна дејност е производство на млади растенија од видот на Falenopsis, поточно орхидеи и други украсни цвеќиња, која преку програмата за финансиска поддршка на земјоделството во форма на субвенции од Владата има до сега добиено над 49 милиони денари.
Директорот на компанијата, Јохан Сцееле и Генералениот менаџер, Столе Гогушовски, од блиску ги запознаа со производствениот процес и со нивната технолошки високо софистицирана лабораторија, што оваа компанија со нејзините 630 вработени, ја прави вистинска додадена вредност за нашата земја.
„Се надевам од наредната година да се најде и на листата на компании кои финансиски ги поддржуваме преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, особено по најавите за понатамошно зголемување на производството и проширувањето на просторните услови следната година, каде се планирани нови вработувања, при што процесот ќе биде заокружен со вкупен број од околу 800 работници.
Вицепремиерот Битиќи додаде дека финансиската помош преку ЗФПИ придонесува за поголема конкурентност на нашите компании на странските пазари, со што допринесуваме и за рамномерен регионален развој и за достоинствени плати за нашите граѓани.
„Од почетокот на Законот заклучно со 2022-ра година, само во овој , Источниот регион, имаме исплатено 630 милиони денари по ЗФПИ за 3.7 милијарди денари инвестиции на 89 компании, а само во тековната 2023 година, имаме склучени нови 44 договори, за која исплатата ќе биде наскоро“, изјави Битиќи и посочи дека Владата има изградено реален капацитет и услови за поттикнување и реализација на нови инвестиции во делот на реалниот сектор, кои отвораат нови и добро платени работни места за нашите граѓани.
Директорот на компанијата, Јохан Сцееле во неговата изјава рече дека со вицепремиерот Битки разговарал за можностите за добивање на понатамошна финансиска помош oд Владата која на компанијата многу би и значела.
„Имаме многу инвестирано во минатото и продолжуваме да инвестираме бидејќи сме посветени на Северна Македонија како земја и регион. Тука секако влегуваат и нашите големи инвестиции кои доаѓаат заедно со ризикот, затоа владината помош би била добредојдена за да понудиме уште подобри услови за вработените со уште подобри плати, но исто така ќе допринесуваме и за поголем развој на Источниот регион“, рече Сцееле.