Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска беа во работна посета на општината Тетово, при што направија обиколка на неколку установи кои со поддршка на Владата постигнаа напредок во унапредување на животната средина и во негување на културните вредности во овој регион.
Посетата започна со обиколка на новите простории на ЈУ Национален парк ,,Шар Планина”, при која директорот на ЈУНП Ибрахим Дехари ги запозна со степенот на екипираноста на Јавната установа и ги информираше за тековните и завршените капитални инвестиции и проекти на установата, како и со идните развојни планови.
Министерката Шукова изрази задоволство од исклучителните резултати и огромниот напредок во воспоставувањето и функционирањето на ЈУНП „Шар Планина“ и одржливото управување со ова комлексно заштитено подрачје. Националниот парк се формираше во 2021 година со финансиска поддршка на државата, но и на меѓународните организации, кои помогнаа и кои се уште помагаат да се развива и одржува. Со формирањето на овој нов национален парк се достигнаа 13,9 проценти заштитена територија во државата и според Шукова, тој процес на заштита на природните вредности со кои изобилува државата, продолжува и понатаму.
„Она што сакам да го потенцирам во овој момент е дека во рамките на Паркот веќе имаме екипираност, нови вработувања и вработувања на ренџери, кои ќе помогнат да се намали ловокрадството и дивата сеча во паркот, меѓутоа, Паркот веќе размислува и за развојни компоненти за наредната година, што ќе овозможи да биде одржлив и да може сам да функционира во годините што доаѓаат. Секако, во еден извесен период државата и меѓународните организации ќе продолжат со финансиска поддршка, меѓутоа она што го гледаме тука е дека менаџментот и вработените точно знаат во која насока треба да се движат и како да управуваат со ова заштитено подрачје“ изјави министерката Шукова за медиумите.
На прашања на новинари, министерката Шукова информираше дека од наредната година ќе се обезбедат буџетски средства за поддршка на сите четири национални парка во државата, а информираше и за другите инвестирања со кои се унапредува животната средина и се подобрува квалитетот на животот на граѓаните. Таа го спомена проектот за подобрување на квалитетот на воздухот, што со поддршка на ЕУ се реализира во четири града, вклучително и Тетово, за подобрување на инфраструктурата за водоснабдување и пречистување на отпадните води, како и поддршка на системот за управување со отпад со помош на кредитните линии обезбедени преку Европската инвестициона банка и Европската банка за обвнова и развој.
Посетата продолжи во Музејот на тетовски крај – Тетово, каде министерката Костадиновска Стојчевска придружувана од министерката Шукова и директорот Миќо Стојчески го разгледа објектот и беше информирана за тековните активности и досегашни инвестиции, по што беше остварена средба со претставници на здруженијата, корисници на Конкурсот „Култура во лето“, на која разговараа за идните нивни проекти и планови за збогатување на културната програма на тетовчани.
„Министерството за култура само за поддршка на програма вложи над 14,5 милиони денари во тетовските културни установи, кои имаат долга и богата историја и повеќеслојна културна традиција, во која се сплотуваат различните култури на народите кои живеат во овој крај. Инвестираме во културата и го збогатуваме разновидното културно живеење на граѓаните, особено на младите во Тетово и околината“ изјави министерката Костадиновска Стојчевска за медиумите.
Таа додаде дека вложувањето во заштитата на културното наследство е еден од најголемите приоритети на Владата и на Министерството за култура и информираше дека продолжуваат активностите за целосна конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата Св.Богородица во Лешок. Овие активности го овозможија и реткото откритие на третиот слој живопис кој се наоѓа во олтарот, под слојот од 17 век. Како Проект на Владата, реализацијата на заштитата на живописот ќе продолжи и во 2024 година, како и реставрацијата на конакот на овој наш вреден манастир и споменик на културата.
„Се грижиме тетовчани да имаат богата и разновидна културен репертоар за сите. Затоа основавме и нова национална установа Музички ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово чија основна дејност ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално-инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани“ нагласи министерката Костадиновска Стојчевска.
Во рамките на посетата, министерките Костадиновска-Стојчевска го посети и Центарот за култура „Иљо Антески Смок“-Тетово.