„Развојната програма со развојните мерки на Владата, во изминативе две, односно седум години овозможија поквалитетен живот на граѓаните, како и одржливост и конкурентност на компаниите“, потенцираше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во денешното интервју за телевизија Канал 5.
Премиерот Ковачевски, истакна дека во овој период е направено многу во сите сегменти за државата.
„Ние имавме минимална плата од 8.000 денари, денес имаме минимална плата од 21.000 денари. Имаме пензии зголемени за 50%. Просечната пензија е зголемена за 50%, минималната пензија е зголемена за 50%. 26% проценти незапосленост, денес имаме историски најниска незапосленост од 13%.
Да зборувам во делот на енергетиката, ние имаме јасна диверзификација на енергетскиот сектор и имплементација на огромен капацитет на нови извори на енергија. Во делот на владеењето на правото, исто така ако ги погледнете бројките за откривање на криминалитет за идентификување на лица, така да тие од година во година беа зголемувани“, рече премиерот Ковачевски.
Притоа, премиерот Ковачевски, посочи дека покрај делот на економијата, Владата ја унапреди демократијата, транспарентноста, слободата на медиумите.
„Транспарентноста на институциите, Владата е 100%, за разлика од 25% до 2016 година. Демократските процеси, ние бевме 138-ма земја во слободата на медиумите, денеска сме 38-ма и ќе бидеме уште подобри, тоа вие најдобро го чувствувате како медиуми“, рече премиерот Ковачевски.
„Во овие изминати години, во Северна Македонија беа направени голем број реформи, посебно во економските ресори“, потенцираше премиерот Ковачевски.
„Економските ресори во Владата успеаја да направат два големи антикризни пакети на мерки. 760 милиони, 662 милиони евра за најранливите категории на граѓани. Светска Банка потврдува дека ние сме држава која има најголема буџетска поддршка во однос на сите земји во регионот за антикризни мерки во време на најголемата економска и енергетска криза. Најранливите категории на пензионери ќе добијат финансиска поддршка, учениците, студентите“, посочи премиерот Ковачевски за интервјуто за телевизија Канал 5.