Ковачевски: 20 икони од нашето културно наследство, после една деценија се вратени во државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва присуствуваше и се обрати на настан по повод враќање на незаконски изнесени икони од Северна Македонија. 

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Почитуван Митрополит Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустијана Прима г.г Стефан,
Почитувана министерке за култура Бисера Костадиновска,
Почитуван д-р Сашо Цветковски,
Уважени гости,
Почитувани медиуми,
Почитувани колеги од министерството за култура,

Денеска сите ние сведочиме на еден историски чин, за прв пат во нашата држава, успешно заврши реституција на културно наследство. 20 наши икони репрезент на она што се творело на крајот од 18-ти и во 19-ти век, после  една деценија се вратени дома. Овие ремек дела за Северна Македонија се дел од идентитетските одредници и наше богатото културно наследство. Иконите се меѓу најделикатните и највеличествените богатства во светот, овие икони кои вечерва ги видов може да се споредат со сликите на најголемите светски мајстори на ликовната уметност.

Особено сум горд што сум дел од Влада која создаде модел за  демократија, дипломатија со што воспоставивме одлични добрососедски односи со нашите соседи. Со дијалог, компромис, взаемно почитување и најтешките предизвици може да се надминат и да отворат нови можности за соработка. Вечерва сведочиме за една таква соработка со нашиот сосед Албанија, иконите украдени во 2013 та година, успеавме да ги вратиме дома.

Се работи за навистина една голема и сеопфатна акција на МВР на Албанија, во која се откри голем канал на крадење, шверцување и уништување на едно историско културно наследство и оттука мора да изразам благодарност и до МВР на Албанија, посебно до премиерот Рама, кој откако се откри што има фатено полицијата на Албанија, веднаш кажа дека штом се завршат процедурите од страна на министерствата, ќе биде вратено во нашата држава.

Северна Македонија ја гради својата внатрешна и надворешна политика на столбовите на кои почива и ЕУ-демократија, слобода, безбедност и правда. Изминативе неколку години со Албанија  имаме постигнато многу,  потпишавме повеќе договори и меморандуми за унапредување на билатералната соработка, евроинтегративниот процес, безбедноста, инфраструктурата енергетика, културата, борбата против меѓународен криминал и многу други.

Ова враќање на иконите од Албанија во Северна Македонија е на заедничко задоволство на двете земји,  посакуван епилог, благодарение на нашата одлична соработка како и на Конвенцијата за мерките за забрана и спречување на недозволен увоз, извоз и пренос на сопственоста на културните добра на ОН од 1970 година, чиј потписник е и Албанија.

Уште еднаш ќе ја искористам приликата да изразам благодарност до сите стручни лица од Министерството за култура од нашата држава, од Албанија, на двајцата министри за култура, на  Управата за заштита на културното наследство на Северна Македонија, на  МАНУ, Националниот конзерваторски центар, на Завод и Музеј Битола и Завод и Музеј Охрид, за нивната посветеност, професионалност и стручност за враќањето на ова наше културно наследство.

Сакам да ве информирам дека се идентификувани уште икони кои се во текот на изминатите децении украдени од Македонија и во моментов се работи на соодветни анализи кои ги прават стручните лица и во текот на наредниот период повторно ќе биде спроведена постапка за нивно враќање во нашата држава.

Огромна благодарност и за колегите од Албанија за синхронизацијата со македонските институции за враќање на иконите во Северна Македонија. Голема благодарност до сите, честитки уште еднаш за оние кои работеа на овој долг и макотрпен процес којшто беше започнат во 2018 година, но интензитетот го доби во 2020 година и во последните две години беа направени сите формалност, но и физички активности во Албанија и сакам да им честитам на сите кои учествуваат. А на нашите верници и сите оние кои доаѓаат во нашата држава да им овозможиме да го видат ова големо, светско културно историско наследство.

Благодарам.“