Министерството за здравство информира дека ја утврди потребата за набавка на нови амбулантни возила за потребите на јавните здравствени установи во Република Северна Македонија од причини што најголем број од возилата кои се на располаѓање на установите се застарени, дотраени, со помината поголема километража од техничкиот максимум и амортизирани.
За таа цел, Министерството изготви и до Владата достави Информација за давање согласност за преземање на обврски за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредни години на Министерството за здравство за набавка на 22 амбулантни возила. Овие возила ќе имаат надоградена медицинска опрема за потребите на установите во државата, врз основа на која Владата даде согласност за набавка на 22 амбулантни возила со надградена медицинска опрема, согласно Извадок од Нацрт-записникот од 180-та владина седница одржана на 22 август 2023 година.
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити за новите амбулантни возила вели дека е најголемата набавка за итната помош во историјата.
„Набавуваме 22 нови амбулантни возила, најголема набавка за итната помош во историјата. Со набавката на возилата и современата опрема со која ќе бидат опремени амбулантните возила ќе се овозможи превземање на стручни медицински интервенции за стабилизирање на состојбата на пациентот, и отпочнување и со иницијално лечење во зависност од видот на повредата и болеста поради која и е индициран повикот. Новите амбулантни возила ќе бидат опремени со надоградена медицинска опрема“, истакнува Меџити.
Постапката за јавна набавка на 22 Амбулантни возила со надоградена медицинска опрема е објавена на Електронскиот систем за јавни набавки на 05.12.2023 година, со оглас број 21959/2023. Во моментот постапката е во фаза на доставување на понуди на економските оператори, а рокот за доставување истекува на 05.01.2024 година.