Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на настан по повод обезбедената поддршка од страна на Владата за реализација на проекти од локален интерес, во најголем дел од општините во државата.
На настанот беа потпишани договорите за реализација на конкретните проекти, помеѓу соодветните министерства и институции и општините.
На настанот присуствуваа и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за здравство, Фатмир Меџити, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, како и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски, како и градоначалниците на општини.
„Вкупно 2 милијарди денари или 32,5 милиони евра се обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на 6 министерства и една агенција. Односно од министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт. Овие пари се наменети за вкупно 66 проекти за 44 општини. Се работи за проекти за реконструкција на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на училишта и на градинки, здравствени установи, спортски сали, домови за култура, пречистителни станици, мостови, спортски сали, пречистителни станици, мостови и други проекти во најголем дел од државата. Веќе имаат подготвено документација со која што може да се отпочне со работа. Со нивната реализација овозможуваме подобра инфраструктура, поквалитетни услуги, подобро образование и здравство, како и можности за повеќе спортски активности и поголема заштита на здравјето на граѓаните“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на денешниот настан на кој се потпишаа договорите за буџетската поддршка кон општините.
Потенцирајќи ги одделно пренаменетите буџети од институциите, премиерот Ковачевски нагласи дека ова е само континуитет на досегашната поддршка којшто се обезбедува за општините.
„Со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа на кој што јас лично имам работено заедно со министерот Бесими ја унапредивме фискалната децентрализација и ги зголемивме приходите на општините што најдобро се гледа од Предлог-буџетот за 2024 на кој што трансферите на општините по овој основ се зголемени“, рече премиерот Ковачевски, кој во обраќањето им се заблагодари на пратениците кои учествувале во амандманската расправа за прераспределбата на буџетот.
Премиерот Ковачевски порача дека поддршката за општините продолжува и дека граѓаните заслужуваат европски услови за живот.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими на настанот изјави:
„И во услови на криза во која се справуваме со предизвиците, од Буџетот одвоивме 2 милијарди денари со кои во 44 општини ќе се реализираат 66 проекти за подобри патишта, училишта, градинки, спортски и културни објекти. Тоа се средства што ги обезбедивме со добро управување со средствата собрани во Буџетот. Тоа се пари од граѓаните за проекти за граѓаните, за подобри услови за живот, за подобро образование, за подобри здравствени услуги, за подобри социјални услуги и слично“, потенцираше министерот Бесими и додаде:
„Ова е потврда за нашата посветеност и грижа за граѓаните и за партнерскиот однос со општините за испорачување на подобри услуги. Продолжуваме со таквиот пристап, со поголема поддршка на општините, со повеќе пари за општините, а за што и воведовме системско решение со кое се зголемуваат средствата од централниот буџет кон локалните самоуправи“, рече министерот Бесими и додаде дека доделените средства на општините ќе се реализираат до крајот на оваа година.
За 2024 година, според министерот Бесими, за општините се издвоени 4,3 милијарди денари повеќе средства во споредба со оваа година.