Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод промената на дејноста, видот и називот на институцијата ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај деца ,,Козле" - Скопје.
Со владина одлука, Јавна здравствена установа Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“- Скопје прераснува во Јавна здравствена установа, Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле - Скопје, чијашто дејност се проширува со вршење специјалистичко- консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно- истражувачка дејност.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:
„Почитувани лекари,
Почитувани професори на медицинскиот факултет,
Почитувани министри, заменици министри, почитувани пратеници,
Сакам да изразам огромно задоволство и честа што ми ја направивте да ја посетиме Јавната здравствена установа Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ - Скопје, која повеќе од 70 години преставува симбол на професионална здравствена нега и грижа за децата.
Јас имам исклучително високо за оваа клиника затоа што благодарение на тимот на д-р Зафировски, пред 8, 9 години беше спасен животот на мојот син. Тука е и доктор Тодоровиќ и низа на други доктори, навистина ми е емотивен момент што сум денес тука. Знам колку беа посветени овие доктори. Доктор Зафировски свадба напушти за да дојде, со такси се собираа докторите, но направија исклучително успешна операција и заради тоа сме им сите многу благодарни. Затоа сакав овој свечен чин да го искористам и за моја лична благодарност до докторите кои работат тука.
Вештините и искуството на здравствените работници во оваа клиника која е препознаена како регионален лидер во областа на педијатриската пулмологија и алергологија, низ годините и децениите покажаа што значи со посветеност и пожртвуваност да се помага на болните деца, на изнемоштените, на најмалите, на нашите најсакани, на оние кои надежта ја бараат во медицинскиот персонал кој е дел од оваа установа.
Денеска, со гордост ја наградуваме и надградуваме довербата на граѓаните во здравствената установа Козле, која одлучивме од Институт да прерасне во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. Тука сакам да кажам заслужено и со среќа!
Со оваа наша одлука, донесена на владина седница, ги отвораме можностите за понатамошен развој на клиниката. Козле да ја прошири дејноста преку специјалистичко - консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза.
Исто така, на оваа Клиника ќе се врши и образовна дејност, ќе се усовршуваат здравствените работници, ќе се изведува научно-истражувачка дејност и ќе се овозможи мултидисциплинарен здравствен третман.
Овозможуваме услови за побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите со што ќе се намали притисокот кон други установи и ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.
Сакам во име на граѓаните, во оваа прилика, да се заблагодарам на сите медицински лица и персонал кои низ годините несебично, деноноќно беа во служба на граѓаните, помагајќи со целиот свој потенцијал за доброто на децата.
Пожртвуваноста на здравствените работници кои го заложуваат својот живот во служба на хуманоста, на што ги обврзува и Хипократовата заклетва, сме ја наградувале и ќе ја наградуваме и понатаму.
Реализиравме серија на капитални инвестиции и ја набавивме неопходната опрема за полесно функционирање на здравствените институции, а со цел да ги задоволиме потребите на граѓаните.
Одделот за ревматологија и кардиологија на Детска клиника е комплетно реновиран и доопремен со поддршка од Комерцијална банка. Овозможивме отворање нов Центар за црн дроб, ординација за подготовка на пациенти за трансплантација, како и постоперативно следење на трансплантираните пациенти.
Во соработка со Амбасадата на САД ја реновиравме ЈЗУ Универзитетска Клиника за гастроентерохепатологија, а ги реновиравме и Центарот за дијабетес и Одделот на ЈЗУ Универзитетска Клиника за ендокринологија, реализиравме реновирање и на Токсикологија, како и на Одделот за педијатрија во Општа Болница Гостивар.
Прв пат досега Клиничката болница Тетово се здоби со нов ургентен центар за тријажа на пациенти по европски стандарди. Со ова го унапредуваме квалитетот за грижа на пациентите во сите региони во државата. Се отвори и оддел за онкологија, реновиран оддел за радиологија и конференциска сала во Клиничка болница Тетово.
Иницирана е и набавка на нови 22 возила за потребите на Итната медицинска помош, кои се планира да бидат распределени во целата држава со цел да се обезбеди уште поефикасна здравствена заштита за пациентите.
Предвидена е нова динамика во изградба и реновирање здравствени установи, како и откочување на децениски заглавените проекти, како што се болниците во Штип и Кичево. Наш фокус е заживување на регионалните клинички центри, како и завршување на изградбите на новите болници во Штип и Кичево.
Го зголемивме буџетот за ретки болести од 567 милиони денари на 878 милиони денари, околу 15 милиони евра. Комбинираната терапија, односно лекот познат како Трикафта, е веќе на Универзитетската клиника за детски болести, тоа можеа да го соопштат и во текот на вчерашниот ден министерот и директорката. Го направивме тоа што не го има направено ниту една претходна Влада. Ги обезбедивме потребните, дополнителни, 100 милиони денари за да се набави терапија за до крајот на 2023 година. И предвидовме уште 854 милиони денари за лекот, за цела следна година, за пациентите кои имаат потреба од него!
Ја сменивме сликата од минатото. Се погриживме континуирано да се обезбедуваат цитостатици и лекови од потребната биолошка терапија и да има доволно количини инсулин за оние на кои им е потребен.
Ги зголемивме платите на здравствените работници и создадовме услови за континуиран раст, најновите покачувања се над 2.000 денари за персоналот. Покрај платите, со зголемувањето беа опфатени и надоместоците за дежурства кои се зголемија од 125% до 166%. Во буџетот за 2024 година предвидени се средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор.
Се скратија и процедурите за вработувањата во јавните здравствени установи за да овозможиме полесно и побрзо пополнување на местата испразнети со пензионирања или на здравствени работници кои си заминуваат од здравствените установи.
Свесни сме за ризикот за нови осипувања во здравството, но сакам да порачам дека ќе сториме сè што е во наша моќ за да ги задржиме нашите кадри тука. Овде имаме обврска и одговорност да им создадеме услови да се развиваат професионално и да ги усовршуваат своите знаења. А тоа ќе го постигнеме само ако имаме свест да го прифатиме она што ни се нуди, а тоа е европски квалитет на живот-дома.
Здравјето на граѓаните е врвен приоритет, на којшто остануваме посветени и за кое сме благодарни на сите лекари присутни тука меѓутоа и оние кои не се дел од овој настан денес.
На нас останува да ја донесеме Европа дома и Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Тоа е нашата цел кон која се стремиме и ќе ја исполниме!
Сакам уште еднаш лично и во име на Владата, на граѓаните да ви се заблагодарам за се што направивте досега, за се што правите, за се што ќе направите и навистина нека е со среќа новата клиника во состав на македонското јавно здравство.
Ви благодарам!