Ковачевски за „ЦИВИЛ МЕДИА”: Ја вративме евтината дневна тарифа преку зголеменото домашно производство на струја и успешните политики во енергетиката

Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за „ЦИВИЛ МЕДИА” ги истакна сите мерки кои Владата ги презеде за ублажување на последиците од најголемата светска економско - енергетска криза, како и придобивките од енергетската транзиција

„Уште на почетокот на кризата во 2022 година во септември, кога кажав дека пред нас е најтешката зима после Втората Светска Војна и дека ќе направиме сѐ за заедно да ја надминеме, опозицијата наместо да размислува солидарно, во јавност пласираа најцрни сценарија кои се покажа дека се дезинформации. Кажуваа дека државата ќе остане во мрак, без струја, дека нема да има парно за да влеат страв и неизвесност кај граѓаните. Но, ниту едно црно сценарио не се оствари, ниту еден ден, граѓаните не беа без струја и без парно. Напротив, имаше струја, парно и воведовме низа мерки за поддршка на граѓаните, на стопанството, за функционирање на виталните институции и евидентно е, дека и во услови на криза државата функционираше во најдобар ред. Предвидовме, субвенции и финансиски средства за најранливите граѓани, како и субвенционирање на цената на електрична енергија која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар", рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски подвлече дека е горд на успесите на сите чинители во енергетскиот сектор во нашата земја на работниците на раководствата, бидејќи заедно кризата се претвори во можност со што земјата стана лидер во регионот по енергетска транзиција, а дополнително повторно е воведена и евтината струја за граѓаните. 

„Уште од самиот почеток на светската економско-енергетска криза предизвиканата од воената агресија врз Украина, презедовме три клучни работи во изминатиот период:

Прво, Северна Македонија, како и секоја земја водеше стратешки домашни политики  за снабдување со енергија и храна и зголемување на производството, со цел системот да функционира, граѓаните да се заштитат од ценовен шок, компаниите да бидат ликвидни и виталните функции на државата да се одвиваат непречено и тоа го постигнавме.

Второ, Се обединивме со регионот, со сите наши соседи, а поддршката на Европската Унија беше клучна во градењето побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина за државата.

Трето, за растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата ја претворивме во можност, станавме лидери во енергетската транзиција на  нашата земја и  ја претворивме земјата во зелен енергетски хаб.

И второто, и третото ги постигнавме, и тоа е огромна придобивка и за државата и за сите граѓани" рече Ковачевски во интервјуто за „ЦИВИЛ МЕДИА“.

Ковачевски подвлече дека со ставањето во функција на сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата, го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ наместо законски предвидените 60% производство на електрична енергија, обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Премиерот Ковачевски се осврна и на енергетската транзиција и рече дека до 2016 година во нашата држава за целиот мандат на претходните сите влади во државата имаше инсталирано 16 мегавати обновливи извори на енергија, од соларни централи.

„Но затоа, од првиот ден на Владата која јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија, што е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува. Ова постигнување го признаваат и во Светска банка и во Европска банка, само има неколку скептици во земјава не го признаваат ама го преќутуваат бидејќи не можат да го негираат. И факт е дека благодарение на тие 600 мегавати обновливи извори на енергија, денес се снабдуваат со чиста енергија 166 илјади домаќинства во државата.  Исто така,  поради ова, и поради оваа политика која ја направивме и спроведовме овозможивме враќање на евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот  со тоа 1.000 денари месечно заштедуваат домаќинствата. Тоа е работа на една Влада која има јасна стратегија, која има јасна цел и која знае како да ги спроведе стратегиите кои што ги пишува", рече Ковачевски, и додаде дека граѓаните треба да се спокојни дека со продолжување на политиките на оваа Влада, добиваат гаранција дека државата ќе има сигурно и стабилно производство на чиста  електрична енергија во наредните 30 години од домашни извори, и дека државата и ЕУ ќе бидат гарант за праведната енергетска транзиција.