„Овој План за раст е најконкретната политичка порака од Европската Унија, дека ја очекува Северна Македонија во европското семејство, во амбициозниот и достижен рок до 2030 година“, оцени во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
„Овој европски инструмент за поддршка на реформите и развојот на Западен Балкан е во висина од 6 милијарди евра, за периодот 2024-2027 година. Се состои од 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра концесиски заеми. И од нив, близу 1 милијарда евра може да користи Република Северна Македонија“, соопшти премиерот и објасни какви се придобивките за граѓаните и компаниите, уште пред полноправното членство.
„Планот за раст што Европската комисија веќе го усвои минатиот месец, значи конкретна финансиска поддршка за доближување на македонската економија кон нивото на економиите на европските земји и за унапредување на македонскиот животен стандард и квалитет на живот кон европскиот. Односно, нашите граѓани да почувствуваат како е да се биде дел од ЕУ, уште пред зачленувањето во Унијата.
За прв пат имаме резервирани пари за реформи. За првпат ни се отворени можности за вклучување во програми, во коишто не сме биле вклучени досега. Се овозможува на државите од Западен Балкан да се поврзат, преку спроведувањето на реформите по европскиот пат. И многу важно за граѓаните и компаниите, со Планот за раст е овозможен пристап до европскиот заеднички пазар. Што значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на Единствениот европски пазар и пред нашето официјално членство во ЕУ. Тоа е пазар од половина милијарда луѓе, што отвора реална шанса за нови вработувања, повисоки плати, професионалност, конкурентност. Го носи напредокот дома, што го посакуваат македонските граѓани, над 30 години од независноста на државата“, нагласува премиерот во интервјуто.
Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека Планот за раст е во суштина резултат на барањата на Владата да добиеме пристап до привилегии од зачленувањето во ЕУ додека траат преговорите. И еве се случи, а првиот трансфер е можен за неколку месеци.
„Заедничка цел со ЕУ е до април 2024 година да се направи првиот трансфер на пари кон Северна Македонија. Ова значи дека ако продолжиме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе го имаме за четири месеци од сега“, посочи премерот Ковачевски.
Во интервјуто премиерот вели дека по успешно завршениот скрининг процесот со ЕУ, во 15 месеци, што е резултат на посветената работа на институциите, Владата е максимално фокусирана на стратегијата за Планот за раст, којшто е премостлива фаза - од завршувањето на скрининг процесот до отворањето на Кластерот 1, преку инвестиции и реализација на реформи, со коишто македонските граѓани ќе ги почувствуваат придобивките од ЕУ, ќе ја приспособиме државата за полноправно членство во ЕУ. И доаѓа во вистински момент, како поддршка на македонската економија и животниот стандард на граѓаните.
„Сè што беше и е до Владата, за забрзана интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, се прави. И ќе се направи. А, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија од овој состав, кои за предизборни политички интереси ја оневозможуваат натамошната интеграција, добро нека размислат по што ќе бидат запаметени“, порача премиерот.
„Ете, ова се добива кога се има проевропска Влада и евроатланска ориентација. Значи - просперитет. Сите кои го кочат европскиот пат, им ја одземаат можноста на македонските граѓани да живеат достоинствено, конечно неизвесноста да ја заменат со предвидливост, а македонскиот стандард на живот да стане европски животен стандард. Но, нова блокада нема да дозволиме. Кој не ги сака евроинтеграциите, има други цели, различни од стратешките цели на нашата држава, кој не знае како да го води овој процес, нека се тргне. Или ќе биде тргнат од граѓаните на изборите. Имаме зацртан пат. Ние сакаме и знаеме како. Ги започнавме преговорите со ЕУ минатата година, по голем застој заради изолациските политики на еден недемократски, 10-годишен режимски систем. И со обединувањето околу европската цел во периодот што претстои, ќе осигураме, до 2030 година, Република Северна Македонија да биде европска Република Северна Македонија, затоа што македонските граѓани тоа и го очекуваат и го заслужуваат“, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА.