Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски присуствуваше на потпишувањето на договорот за избор на консултантска компанија за отпочнување постапка за изградба на откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен, каде имаше обраќање.
Новите откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен ќе бидат клучни во обезбедувањето на стандардизирано производство, сортирање, пакување, складирање и подготовка за преработка на земјоделските производи.
„Со денешното потпишување на договорот, се преземаат подготвителни активности за реализација на два откупно-дистрибутивни центри во нашите најголеми производствени региони, Струмица и Ресен, кои заедно со новата логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје ќе создадат услови за воспоставување на национален систем за дистрибуција на храна“, истакна премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање на настанот, заблагодарувајќи се на поддршката на Светска банка во износ од 46 милиони евра.
„Со реализација на овие капитални проекти го зголемуваме квалитетот и безбедноста на нашата храна и помагаме на нашите земјоделци да станат поконкурентни на домашните и странските пазари, а на македонското земјоделство му овозможуваме да се трансформира во поконкурентно, поквалитетно и современо, задоволувајќи ги европските и светските стандарди.
Помагаме во развојот на домашното производство на храна, пред се, на нашите земјоделци за зголемување на квалитетот на нивните производи, а од друга страна, овозможуваме отворање на нови работни места и подобар пласман на нашите производи во странство“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот посочи дека Владата инвестира во сите сектори и дека со поддршка на земјоделството, се помага на државата да ја оствари евроинтеграциската визија.
„Приоритетите на земјоделците ги ставивме на врвот на нашата агенда. Како ниедна Влада досега презедовме низа мерки со коишто застанавме партнерски со земјоделците и овозможивме олеснување на условите во кои работат. Станавме дел од нивните решенија, а не дел од нивните проблеми“, нагласи премиерот Ковачевски, кој порача дека само со заедничка работа можеме да ја однесеме земјата во ЕУ.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека договорот во износ од околу половина милион евра, кој денес ресорното министерство го потпишува со избраното консултантско партнерство составено од Глобалтек Десаролос, Коленко ДООЕЛ, Нју Вижен ДОО и Биро за Урбанизам Битола ДООЕЛ е поделен во три фази. Фазите вклучуваат избор на локација, урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки и бизнис план, проценки на влијанието врз животната средина и социјални аспекти, главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти.
„Овие откупно-дистрибутивни центри ќе бидат од суштинско значење за зајакнување на конкурентноста, пристап до меѓународни пазари и остварување повисоки награди, што пак би донело директни економски придобивки за регионот“ нагласи министерот Николовски.
Новиот откупно-дистрибутивен центар во Ресен, предвидено е да се простира на површина од околу 10.000 м2, и да процесира околу 5.000 до 8.000 тони овошје.
Додека, откупно-дистрибутивен центар во Струмица ќе претставува клучен објект во регионот на интензивно производство на зеленчук за којшто е потребно складирање и ладење, сортирање, пакување или подготовка за преработка.
Координаторката на Проектот за модернизација на земјоделството од Светска Банка, Ивана Наумовска, претставувајќи го проектот, рече дека очекуваат да се испорачаат сите предвидени активности. Проектот за модернизација на земјоделството, како што нагласи Наумовска, се имплементира во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во вкупен износ од 50 милиони евра од кои 46 се заем од Светска Банка и 4 милиони се од ЕУ - ИПА грант којшто се само за подкомпонентата 2.3 - воспоставување на систем за управување со нус производи од животинско потекло.
Целта на проектот е да се подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор во Република Северна Македонија и да се зајакнат капацитетите на државните институции во контекст на процесот кон пристапување во ЕУ.
Директорот на „Коленко ДООЕЛ“, Никола Битрак истакна дека се планира најмодерна технологија и одржливост од енергетски аспект, а тие ќе дадат се од себе во рок да се исполнат целите на договорот и земјоделството да биде на повисоко ниво.
Обраќање на премиерот Ковачевски – 25 Декември 2023 година, Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски присуствуваше и се обрати на потпишувањето на договорот за избор на консултантска компанија за отпочнување постапка за изградба на откупно - дистрибутивни центри во Струмица и Ресен, каде имаше обраќање.
Обраќањето на премиерот во целост:
„ Почитуван амбасадор на Кралството Шпанија г. Гарсија,
Почитуван министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски,
Почитуван градоначалник на Струмица, г.Костадинов,
Почитуван претседател на Советот на О.Струмица,
Почитуван градоначалник на Ресен,
Почитувани претставници на Светска Банка,
Почитувани медиуми,
Денес е голем ден за македонското земјоделство и голем ден за сите нас.
Она што беше ветувано со децении веќе се, јас кажав дека најдобриот министер за земјоделство во историјата на државата е Љупчо Николовски и неговиот тим и тоа се потврдува и со ова со тоа што после децении започнува постапка за изградба на откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен, во реализација на Mинистерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
Ова е навистина ден на успех како на македонското земјоделство, така и за Струмица, Ресен меѓутоа и за сите земјоделци кои сега ќе имаат сигурен откуп кој нема да зависи од сезонските влијанија, туку ќе зависи од трудот и вештината на трговците сите тие производи да ги продадат во странство, по најдобри цени.
Со денешното потпишување на договорот, се преземаат подготвителни активности за реализација на два откупно-дистрибутивни центри во нашите најголеми производствени региони, Струмица и Ресен, кои заедно со новата логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје ќе создадат услови за воспоставување на национален систем за дистрибуција на храна.
За тоа, посебна благодарност сакам да упатам на Светска банка со чии средства во вкупен износ од 46 милиони евра, обезбедени преку Проектот за модернизација на земјоделството, се реализира изградбата на двата откупни центри и новата логистичко-дистрибутивна платформа која веќе беше најавена од страна на министерот.
Новите откупно- дистрибутивни центри во Струмица и Ресен ќе бидат клучни во обезбедувањето на стандардизирано производство, сортирање, пакување, складирање и подготовка за преработка на земјоделските производи.
Ако нешто во минатото се сметаше како недостаток особено за строгите критериуми на западно европските пазари тогаш со изградбата на овие откупни центри и оваа пречка ќе биде надмината.
Со реализација на овие капитални проекти го зголемуваме квалитетот и безбедноста на нашата храна и помагаме на нашите земјоделци да станат поконкурентни на домашните и странските пазари, а на македонското земјоделство му овозможуваме да се трансформира во поконкурентно, поквалитетно и современо, задоволувајќи ги европските и светските стандарди.
Помагаме во развојот на домашното производство на храна, пред се, на нашите земјоделци за зголемување на квалитетот на нивните производи, а од друга страна, овозможуваме отворање на нови работни места и подобар пласман на нашите производи во странство.
И навистина, морам да истакнам дека е задоволство да се видат плодовите од нашата напорна и посветена работа, да се помогне на секој земјоделец и да се вреднува нивниот труд и мака.
Приоритетите на земјоделците ги ставивме на врвот на нашата агенда. Како ниедна Влада досега презедовме низа мерки со коишто застанавме партнерски со земјоделците и овозможивме олеснување на условите во кои работат. Станавме дел од нивните решенија, а не дел од нивните проблеми.
Со поддршка на земјоделството, и помагаме на државата да стане дел од европските и светските пазари, а со тоа да ја оствари евроинтеграциската визија.
Во услови на најголемата светска економска, енергетска и прехранбена криза, преку одговорни политики, го креиравме најголемиот земјоделски буџет досега, од околу 12 милијарди денари. За потребите на земјоделците за годинава обезбедивме рекордни над 7 милијарди денари или скоро 115 милиони евра за субвенции за вистинските земјоделци за зголемено домашно производство.
Инвестираме во сите сектори, пружаме помош на младите земјоделци, отворивме низа можности за субвенции во опрема, ги стимулираме новите бизниси, а за прв пат во историјата на нашата држава овозможивме и платено породилно отсуство на жените земјоделки.
Воведовме нов модел на субвенционирање во земјоделството. Овозможивме земјоделците, за прв пат досега, да добијат авансна исплата на субвенциите, што ќе се случи во текот на оваа недела.
Со новата мерка „Бизнис план“ од Програмата за рурален развој, која ја воведовме за прв пат како дел од најголемата земјоделска реформа, обезбедивме помош во висина до 10.000 евра како ко-финансирање за набавка на производствена опрема и механизација. Дополнително, нудиме финансиска поддршка во вид на грант од 10 илјади евра за малите производители на храна и за малите семејни винарии и грант до 5.000 евра за набавка на опрема за малите дестилерии.
И тука резултатите се евидентни. Денес во Република Северна Македонија има 255 регистрирани винарски визби, станавме бр.1 извозник на вино во регионот и 13 извозник на вино во светот.
Огромните можности на стимул за земјоделството се нудат и преку средствата од ИПАРД програмата. Успеавме во нашата цел, Северна Македонија да прерасне во лидер во регионот по искористеност на мерките од ИПАРД програма што резултираше со зголемување на средствата за ИПАРД 3, на 97 милиони евра.
Инаку Северна Македонија е првата земја од регионот и од земјите кандидатки која го започна користењето на финансиските средства од ИПАРД 3 програмата, а реализацијата е на повисоко ниво и од некои земји членки на ЕУ.
Ако во минатото имало години кога средства од ИПАРД програмите биле враќани во Брисел и плаќани пенали, за ИПАРД 2 програмата се е потрошено до земјоделците трансферирано и веќе ИПАРД 3 програмата започна со реализација и таа ќе биде целосно искористена. Очекуваме ИПАРД 4 програмата, здравје, да биде поголема од ИПАРД 3 програмата.
Република Северна Македонија не може да се врати назад.
Мора сите заедно и ние и земјоделците, и сите граѓани заеднички да работиме за да ја однесеме земјата онаму каде што припаѓа- а тоа е во Европската Унија, бидејќи докажавме дека таму каде што имаме простор за натпревар ние можеме да биде подобри од земји членки на ЕУ. ИПАРД-от токму тоа го покажува.
Тоа е нашата цел што мора да ја исполниме час поскоро. Немаме друга алтернатива и немаме друга иднина- освен европската и тоа се потврдува со огромната финансиска и политичка поддршка која ја имаме од сите земји членки на ЕУ.
Ви благодарам!“