Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири беше во посета на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, кое беше реновирано на почетокот на оваа учебна година. Во училиштето комплетно се реновирани училниците и ходниците, објектот доби и термоизолациона фасада, како и нови подови согласно стандардите, а вредноста на реновирањето беше над 660 илјади евра.
„Ова училиште е вистински пример за мултиетничност и за успешен соживот. Во изминатите пет децении тука растеле и се образувале генерации и генерации, учејќи на својот мајчин јазик, на македонски, албански и на турски јазик, и на тој начин ги негувале различностите и взаемната доверба и почит. Денес училиштето има над 1.200 ученици, кои, исто така, се од различна етничка припадност, меѓутоа можевме да се увериме на часовите кои ги посетивме дека работат, учат заедно и разменуваат многу убави работи, многу убави настани од нивните култури кои подоцна заедно ги учат. Правото на образование и на квалитет во образованието не смее да биде привилегија. Образованието е еден од нашите главни столбови и затоа вложуваме напори и средства за негово постојано подобрување и усовршување“, изјави премиерот Ковачевски во своето обраќање при посетата на училиштето.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири при денешната посета на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга посочи дека инфраструктурните услови се еден од трите клучни фактори од кои зависи квалитетот на наставата.
„Реконструктивните активности завршија токму пред почетокот на новата учебна година, така што, веќе четири месеци учениците поминуваат дел од денот во овој реновиран објект, кој убеден сум дека значително ја поттикнува мотивацијата за учење кај младите генерации. Затоа што, инфраструктурните услови се еден од трите клучни фактори од кои зависи квалитетот на наставата, покрај наставните програми заедно со учебниците и грижата за подобар општествен статус и достоинствена работа за наставниците. А ние како Влада и министерство сме посветени токму на сите три аспекти, односно фактори, подеднакво и така ќе биде и во иднина“, рече министерот за образование и наука, Јетон Шаќири на денешниот настан во Струга.
Потенцирајќи ги конкретните мерки во образованието, премиерот Ковачевски рече дека само во последните две години, со реконструктивни активности се опфатени 120 училишни објекти, а изградени се и 43 училишни спортски сали во основни и средни училишта. Притоа, премиерот нагласи дека Владата создаде услови за континуирано усовршување на наставниците и за зголемување на нивните плати за околу 40% само во последните две години, а кумулативно покачувањето е околу 55%.
За време на посетата на училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга, премиерот Ковачевски, по повод претстојните празници, им подели на учениците новогодишни подароци.
Ковачевски: Континуирано инвестираме во современи училишта и квалитетен наставно-образовен процес
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири беше во посета на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, кое беше реновирано на почетокот на оваа учебна година. Во училиштето комплетно се реновирани училниците и ходниците, објектот доби и термоизолациона фасада, како и нови подови согласно стандардите, а вредноста на реновирањето беше над 660 илјади евра.
Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски:
„Денеска, тука сме за убави нешта. Првата убава вест за стружани што пред малку ја соопштив, беше пуштањето во употреба на реконструираниот затворен базен, а сега заедно со министерот Шаќири сме тука во основното училиште „Браќа Миладиновци”, каде ја означуваме завршената реконструкција на училиштето. Стружани, но и сите граѓани на нашата држава имаат право на пристојни услови за живот, а наша обврска е тоа го исполниме.
Ова училиште е вистински пример за мултиетничност и за успешен соживот. Во изминатите пет децении тука растеле и се образувале генерации и генерации, учејќи на својот мајчин јазик, на македонски, албански и на турски јазик, и на тој начин ги негувале различностите и взаемната доверба и почит.
Денес училиштето има над 1.200 ученици кои исто така се од различна етничка припадност меѓутоа можевме да се увериме на часовите кои ги посетивме работат, учат заедно и разменуваат многу убави работи, многу убави настани од нивните култури кои подоцна заедно ги учат.
Со буџетски средства од над 660 илјади евра извршено е комплетно внатрешно реновирање на училниците и ходниците на училиштето, кое доби и термо изолациона фасада на објектот како и нови подови согласно стандардите за образовни работи.
И особено ми е драго што овде гледам насмеани детски лица и задоволни родители од новите услови кои ги овозможивме со целосната трансформација на ликот на училиштето.
Дополнително ги посетивме кабинетите по природни науки, кабинетот по биологија е навистина опремен со сите средства коишто се потребни за успешно предавање, тоа го кажаа и учениците и наставниците кои имавме можност да ги сретнеме.
Правото на образование и на квалитет во образованието не смее да биде привилегија. Образованието е еден од нашите главни столбови и затоа вложуваме напори и средства за негово постојано подобрување и усовршување.
Бидејќи без образовани генерации нема прогрес. Затоа и инвестираме во современи училишта и квалитетен наставно-образовен процес.
Само во последните две години, со реконструктивни активности за кои беа обезбедени буџетски средства, опфатени се 120 училишни објекти, а изградени се и 43 училишни спортски сали во основни и средни училишта.
Градиме нови училишта насекаде низ државата и ги доградуваме постојните објекти. За основните училишта обезбедуваме мебел, а набавивме и комплетно нови кабинети по природни науки, како и опрема и нагледни средства по историја и географија.
Преку грант од Банката за развој при Советот на Европа во висина од три милиони евра предвидена е реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и набавка на нова спортска опрема за вкупно 50 спортски сали во состав на основните училишта.
Дел од пренаменетите 32,5 милиони евра буџетските средства за општините односно над шест милиони евра, се токму за проекти наменети за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во оние општини каде што е најпотребно.
Ги подобривме условите и за наставниците, кои се втори родители на нашите деца за да ги стимулираме и на личен и на професионален план.
Создадовме услови за нивно континуирано усовршување и за зголемување на нивните плати за околу 40% само во последните две години, а кумулативно покачувањето е околу 55%.
Не го заборавивме и административно-техничкиот кадар, околу 4.700 лица кои добиваа износи помали од 18.000 денари сега имаат зголемени плати со измените на Законот за минимална плата.
Граѓаните заслужуваат подобро образование, подобро здравство, подобри патишта, подобар живот. Сето ова ни е толку близу како никогаш досега!
Европската Унија којашто е наш главен партнер е на чекор од Северна Македонија , а тој чекор зависи само од нас. Да ја прифатиме шансата и да донесеме европски квалитет на живот дома! Верувам дека можеме и дека тоа и ќе го направиме!
На крајот, на сите дечиња, на наставниците и на целиот кадар од училиштето им посакувам успешна настава во годината што следува во реновираните простории, многу здравје и среќа во нивните семејства. Да имаме уште многу други поводи за славење и одбележување!
Воедно посакувам Среќна Нова година на сите присутни и бројни успеси на сите полиња!
Честитките уште еднаш за целиот наставен кадар!“.