На денешната прес-конференција на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, беше презентирана целокупната поддршка која министерството ја дава за производителите на тутун. Во ек на откупот на тутун, ние повторно интервениравме само со цел да го заштитиме производството.
Тутунот е една од најстарите македонски земјоделски култури, стратешки важна за државата со извоз од над 120 милиони евра, култура што е најзначајна дури и пред виното. Токму затоа како Влада и министерство водиме грижа за тутунопроизводителите, грижа за секој еден земјоделец.
Како и секоја година, така и оваа, навремено уште пред почетокот на откупот ги започнавме разговорите меѓу откупувачите и производителите за годинешниот откуп на тутунот. Ние традиционално сме партнер и на производителите и на откупувачите на тутун, но секогаш сме на страната на земјоделецот барајќи фер почитување на земјоделската мака.
„Како министер пред откупувачите истакнав дека и оваа година очекувам фер и праведна цена на тутунот. Ова мое очекување беше темелено на информациите за количините и квалитетот на тутунот оваа година. Исто така во предвид мора да ја земеме и минатата година кога целиот тутун во најголем дел беше откупен од откупувачите во прва класа, а државата исплати кон тутунарите рекордни 26 милиони евра субвенции. Цените со кои започна годинешниот откуп лично ги сметам за мали и токму затоа, како министерство овој период сме ги гледале сите можности за да допринесеме и помогнеме оваа цена да биде поголема“ изјави министерот Николовски.
На вчерашната седница, бордот на директори на Тутунскиот комбинат Прилеп донесе одлука да ги зголеми за 10% цените за откуп на тутунот од веќе договорените цени. Ваквата одлука на Тутунскиот комбинат Прилеп очекуваме да ја следат и другите компании при откупот на тутунот.
Дополнително како министерство планираме зголемување на субвенциите за дополнителни 20 до 30 денари, по класи за предаден тутун, ставајќи го на располагање повторно истиот буџет од 26 милиони евра, постигнувајќи оваа година рекордни субвенции за тутун по класи.
„Достигнуваме рекордна субвенција на тутунот за прва класа , очекувам за прва класа субвенцијата за откупен килограм тутун да изнесува меѓу 100 и 110 денари зависно од пресметките кои ќе ги направиме на крајот од откупот на тутунот, кој што верувам дека после овие одлуки и ќе започне и бргу ќе заврши“ изјави министерот Николовски.
Тутунот е наша значајна култура, но и култура која е тешка за производство. Од расадување, па до берење, нижење, калапење, процес во кои учествува од најмалиот до највозрасниот член на семејството. Затоа е важно да се почитува и реално вреднува маката на тутунарите.
Како одговорно министерство, уште еднаш на дело, преку конкретни мерки креирани во дијалог со земјоделците, ја потврдуваме нашата искрена заложба и поддршка за секој еден земјоделец.
„Во 2024 година за тутунарите, покрај субвенционирањето по класи, даваме нова можност за поддршка креирајќи нова мерка за основна субвенција по пријавена површина во висина од 6.000 денари по хектар. Сите тутунопроизводители ќе можат во исто време заедно со другите земјоделци да аплицираат и да пријават површини по хектар и на овој начин да го стекнат правото за оваа нова мерка, основна субвенција од 6.000 денари по пријавен хектар“, изјави министерот Николовски.
Со пријавувањето за оваа основа субвенција по хектар, овозможуваме на тутунарите за прв пат да го остварат и правото за аплицирање за зелена нафта, мерка која исто така од 2024 година ја зголемуваме со 100% поддршка за сите земјоделци.
„Она што исто треба тутунарите да го знаат е дека како министерство за оваа реколта 2023 година, каде што имаме законска обврска да дадеме мислење за согласност на Сојузот на земјоделски здруженија, каде што се задржува одреден процент од откупот на тутунот, од секој тутунопроизводител за поставување на повереници, оваа задржување го намаливме од 0,35% на 0,25% со што значи дека на секој тутунопроизводителите ќе се задржува помалку пари“ посочи Николовски.
Заедно со земјоделците, со тутунарите, слушајќи го нивниот глас, сите овие години баравме решение за сите нивни проблеми. Евидентните бели картони, сложената процедура и линеарната исплата од 60 денари по килограм за тутунот, денес се минато.
Од 2017 година секојдневно на терен рамо до рамо со секој еден граѓани, секој еден земјоделец посветено работиме за подобар живот на секој еден граѓанин. Го променивме моделот и ги зголемивме субвенциите за тутун. Наместо за сите тутунари линеарна исплата од 60 денари, предвидовме три класи од 80 денари по килограм за прва класа, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа произведен и предаден тутун.
Тутунарите ова го знаат и паметат. Знаат дека како министерство сме биле тука, секогаш кога е најпотребно, да го помогнеме секој еден земјоделец.
„Најпрво сакам да искажам благодарност до министерот, до Владата и до премиерот за оваа поддршка, која е многу значајна за нас тутунарите со покачување на субвенцијата на тутунот. Овие мерки што ги предложи министерот се добредојдени за нас. Сакам да искажам голема благодарност до Тутунски комбинат Прилеп, за покачување на цената, затоа што бевме во исчекување како тутунари кога ќе се случи и колку ќе биде покачувањето. Ние како тутунари колку и да биде покачувањето секогаш ќе ни биде малку, ама јас сакам да истакнам голема благодарност до Тутунски комбинат. Сакам да ги повикам сите останати компании да го следат примерот на Тутунски комбинат, и во текот на денешниот и утрешниот ден ќе ја покачат цената на тутунот, ќе направат анекси и дека агонијата од чекањето за непредавање на тутунот ќе заврши, дека ќе си го носиме тутунот на откупните пунктови“ рече Менде Стомнарски, претседател на Сојуз на тутунарски здруженија.
Заедно и оваа година ќе имаме уште еден успешен откуп на тутунот, почитувајќи и вреднувајќи ја маката на тутунопроизводителите.