Ковачевски: Сите девет државни студентски домови ќе бидат реновирани, за почеток „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати и присуствуваше на  потпишувањето на договорот за реконструкцијата на двата студентски дома „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, во Скопје.

Договорот го потпиша Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и економскиот оператор кој ќе ги изведува градежните активности.  Реконструкцијата е рамки на Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија кој се реализира со средства од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Премиерот Ковачевски истакна дека проектот предвидува целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

„Со овие капитални инвестиции, на дело покажуваме дека позитивните промени се возможни и решаваме децениски горливи прашања, затоа што имаме соработници и поддршка од држави во Европската Унија за реализација на конкретни проекти за студентите. Оваа Влада континуирано работи на подигнување на студентскиот стандард, затоа што знаеме дека студентите се иднината и  движечката сила на нашата држава. Стипендиите за студентите од 2021 година,  се изедначени на ниво од  6.050 денари месечно, што значи пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена - доделување на студентски стипендии се зголеми за 65%. Ако претходно на годишно ниво се исплаќаа 117 милиони денари, во 2021 се исплатија 179 милиони денари и овој тренд продолжи и во 2022 и 2023 година. Воведовме нови категории на студентски стипендии во 2022 година и истата изнесува и до 18.000 денари месечно,  за оние кои се запишани на додипломски студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата. За првпат воведовме субвенциониран оброк за студентите. Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк доделуваме финансиски средства на сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на нашата земја, тоа се 30.000 студенти кои добиваат  вкупен месечен износ од околу 3.000 денари”, истакна Ковачевски во своето обраќање.

Министерот за образование и наука Шакири, истакна дека сите досегашни процедури за реализација на Проектот ги водевме согласно правилата на Германската развојна банка.

„Согласно утврдената динамика, реконструкцијата на студентските домови ќе се одвива во три фази. Во првата фаза, почнуваме со студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, а нивната реконструкција е предвидено да трае 18 месеци и за оваа фаза денеска потпишуваме договор со економски оператор кој достави најповолна понуда.  При тоа, предвидена е промена на водоводната инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија. Она што посебно сакам да го нагласам, е опремувањето на соби за студенти со посебни потреби. Би сакал да изразам искрена благодарност до сите кои придонесоа овој значаен проект да дојде до фаза на реализација“, рече Шаќири.

Заменик амбасадорот на Германија Ото Граф, истакна дека Германија силно ја поддржува Северна Македонија во нејзините напори за декарбонизација.

„Енергетската ефикасност е клучен елемент на климатската агенда. Затоа KfW и WBIF обезбедуваат средства за рехабилитација на студентските домови во државна сопственост. Овој процес на рехабилитација, исто така, ќе обезбеди вредни увиди како да се направат постојните јавни згради енергетски поефикасни“, рече Граф.

Вршителот на работи амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефен Худолин истакна дека следејќи ја Зелената агенда и Економскиот план за инвестиции, Комисијата ги претвора климатските промени и предизвиците поврзани со животната средина во можности за сите области на политиките и ја прави транзицијата правична и инклузивна за сите.

„ЕУ продолжува со својата посветеност да го поддржува македонскиот енергетски сектор, фокусирајќи се притоа на енергетската ефикасност како инструмент со кој ќе се забрза декарбонизацијата. Со средства обезбедени од Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан, германската влада и KfW, како Тим Европа, ние работиме на тоа да им обезбедиме на студентите подобри услови за живот и да го подобриме нивниот квалитет на живот”, изјави Худолин.


Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски 

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати и присуствуваше на  потпишувањето на договорот за реконструкцијата на двата студентски дома „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, во Скопје.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски:

„ Почитуван министер Шаќири, 

Почитувани г. Худолин и г. Граф

Почитувани студенти,

Почитувани присутни,

Задоволство ми е што годината ќе ја заокружиме со настан, кој е во интерес на нашите студенти. Денес, се потпишува договорот за реконструкцијата на двата студентски дома „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, во Скопје.  Ви благодарам на сите што сте присутни и со овој настан да го означиме почетокот на овој исклучително важен проект.

Оваа крупна капитална инвестиција, е во рамки на Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија, кој се реализира со средства од Германската развојна банка од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан  на Европската Унија.  И токму затоа денеска со нас се и делегација на Европската Унија, г. Штефен Худолин и заменик амбасадорот на Германија  г. Ото Граф.

Она што е важно е дека проектот предвидува целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. Министерот за образование ќе каже повеќе детали за целиот процес на реализација, но она што е важно е дека за 18 месеци ќе бидат реконструирани првите два дома „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје. 

Со овие капитални инвестиции, на дело покажуваме дека позитивните промени се возможни и решаваме децениски горливи прашања, затоа што имаме соработници и поддршка од држави во Европската Унија за реализација на конкретни проекти за студентите.

Владата континуирано работи на подигнување на студентскиот стандард, затоа што знаеме дека студентите се иднината и  движечката сила на нашата држава.

Стипендиите за студентите од 2021 година,  се изедначени на ниво од 6.050 денари месечно, што значи пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена - доделување на студентски стипендии се зголеми за 65%. 

Воведовме нови категории на студентски стипендии во 2022 година и истата изнесува и до 18.000 денари месечно,  за оние кои се запишани на додипломски студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во државата. 

За првпат воведовме субвенциониран оброк за студентите. Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк доделуваме финансиски средства на сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на нашата земја, тоа се 30.000 студенти кои добиваат  вкупен месечен износ од околу 3.000 денари.

Во рамки на деветтиот пакет антикризни мерки оваа академска година за студенти кои живеат надвор од местото на студирање, предвидовме финансиската поддршка во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирање, во износ од 600 до 1.200 денари во зависност од пресметаните трошоци за превозот. Поддршката ќе продолжи, бидејќи секој има право на избор на високо-образовна институција.

Сакам да посочам дека вратите и во приватниот и во јавниот сектор се за вредни и паметни и успешни млади лица се секогаш отворени. Затоа ве поттикнувам да го искористите целиот ваш потенцијал и да го искористите образовниот процес за лично стручно усовршување.

Пред да завршам сакам да се заблагодарам на тимот на министерот од Министерството за образование и наука кој напорно работеа во текот на изминатиот период во подготовката за потпишување на овие договори. Не беше лесно да се обезбедат сите документи особено имотно правните документи за „Кузман Јосифовски“ и „Стив Наумов“ со оглед на тоа дека со децении биле запуштени и со децении не бил решен нивниот имотно правен статус. 

За 18 месеци очекувам со компанијата која е реномирана странска, една од најдобрите во Европа дека ќе биде завршен успешен проектот.

Се надевам дека реконструкцијата ќе заврши согласно предвидениот рок. 

Ако за стружани најдобар поклон за Нова година е новиот затворен базен, ако за карпошани реков дека најдобар подарок е комплетно реконструираната салата „Партизан – Наум Наумовски Борче“, тогаш за студентите на УКИМ најубав поклон е потпишувањето на овој договор и комплетна реконструција на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу.“