Премиерот Ковачевски го пречека премиерот на Ирска, Варадкар со највисоки државни почести

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска, со највисоки државни и воени почести на платото пред Владата, го пречека премиерот на Ирска, Лео Варадкар, кој е во официјална посета на земјава.

Ова е прва официјална посета на ирски премиер на нашата држава, која со Ирска годинава одбележува 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Според агендата, предвидена е тет-а-тет средба на двајцата премиери, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации. По одржувањето на билатералната средба, премиерот Ковачевски и премиерот Варадкар ќе одржат заедничка прес-конференција.

Во составот на македонската делегација се присутни и заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.