Иднината на развојот на економијата на Северна Македонија е во Европската Унија, која е еден од трите најголеми светски пазари, заедно со пазарот на САД и Кина, и токму затоа поддршката за домашните компании да бидат конкурентни на единствениот европски пазар е клучот на развојот.
Ова го истакна Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на денешната панел-дискусија во рамки на кампањата „Европска иднина, поблиску од кога било“ посветена на економијата – Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија.
Овој развој е достижен со поддршка од ЕУ и со стратешката определба на Владата да станеме дел од европското семејство и единствениот европски пазар, рече Ковачевски.
„Досега ние имаме искористено 3,3 милијарди евра поддршка на ЕУ преку ИПА и ИПАРД фондовите. Ние сме најуспешна земја во искористеноста на ИПАРД програмата од сите земји во ЕУ. Финансиската поддршка за државата кога ќе стане членка на ЕУ е 28,5 пати поголема во однос на она што земјата го добива како поддршка пред да стане членка. Тоа дава бенефит за граѓаните, за компаниите, за целокупното општество. Нема замена за заедничкиот европски пазар, нема замена за слободно движење на капитал во ЕУ, нема замена за слободно движење на луѓе во ЕУ, нема замена за слободно движење на производи и услуги во ЕУ. Не постои замена на финансиска поддршка 28,5 пати поголема од тоа што го имаме сега во однос на некакво друго сценарио“, рече премиерот Ковачевски.
За земјава и понатаму успешно да ги искористува средствата што и се достапни преку фондовите и програмите на ЕУ, потребно е да се зајакнат капацитетите на домашните институции кои ќе бидат подготвени да ги апсорбираат и реализираат овие средства, истакна заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Моделот на успешна реализација на ИПАРД треба да го примениме и кај ИПА фондовите за подобро искористување на средствата. Третата рамка на ИПА којашто се воведува е многу битна како тема, бидејќи таа ќе ни овозможи да оствариме поголем учинок во реализација на ИПА средствата, тоа подразбира дека ни требаат стручни добри лица во институциите коишто ќе бидат добро платени и коишто ќе си ја вршат својата работа. Она што е клучно е да ги имаме оние добри луѓе, финансиски експерти, проект менаџери, архитекти и инженери затоа што не можете да изградите железница за четири години ако немате добри стручњаци во проект-менаџмент и во реализација. Доколку вложиме во тие успешни луѓе и доколку го издигнеме нивото на стручност еден степен погоре, ќе имаме многу подобра реализација на ИПА средствата до крајот на 2027 година кога што завршува третата рамка“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Заменик претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи, пак, истакна дека искористувањето на фондовите на ЕУ не е цел само по себе. Овие средства креираат можности за раст и развој таму каде што државата не може тоа да го направи сама. Низ истиот пат поминале многу земји во процесот на пристапување во ЕУ, вели вицепремиерот Битиќи.
„Само во 2022 преку структурните фондови на ЕУ биле инвестирани 731 милијарда евра, што од прилика е за педесетина пати повеќе од БДП на нашата земја. За ова зборуваме, за давањето на можност за растот на компаниите да не биде оставен само на себеси, туку да им се помогне да ја дуплираат, да ја забрзаат нивната конкурентност наспроти заедничкиот пазар, затоа што таму ќе се справуваат со пазар од 500 милиони потрошувачи. Сите домашни компании кои во овој момент се конкурентни за тој пазар, во моментот на влегување во ЕУ ќе бидат за десет пати поголеми. Станува збор за избор, дали сакаш да бидеш десет пати поголем од тоа што си денеска, или да си некаде на средината на конкуренцијата на европскиот пазар, или пак сакаш да останеш последен“, рече вицепремиерот Битиќи.
На панел-дискусијата зборуваше и министерот за финансии, Фатмир Бесими кој во детали се осврна на буџетското планирање на средствата кои доаѓаат од ЕУ, како тие најдобро да се искористат и колку нивната намена е оправдана. Затоа процесот на интеграција во ЕУ клучен е делот на креирање на основа за финансирање на растот, рече министерот Бесими.
„Според груби пресметки, членството во Унијата ќе донесе дополнителни 2.868 евра по глава на жител во земјава, односно дополнителни 5,2 милијарди евра за пет години, што е на исто ниво со Буџетот на нашата земја за минатата година. Тоа се средства со кои ќе можеме да имаме подобра инфраструктура, подобри услови за живот, повеќе средства за работа на нашите претпријатија и подобар животен стандард за нашите граѓани“, вели министерот Бесими.
Горан Антевски, генералниот директор на Раде Кончар-ТЕП, компанија која веќе работи во Европа, на панел-дискусијата се осврна на потребата од вложување во образованието за компаниите да имаат високо-квалификуван кадар кој е клучен за развојот и за нивната конкурентност.
„Технологијата и образованието се клучот на развојот. Технологијата ќе ја купиме, ќе најдеме средства преку грантови и слично, но најмногу треба да вложуваме во образованието. Ако застанеме во инвестирањето во образованието ние ќе застанеме во идните години затоа што најдобрите кадри си заминуваат, затоа што немаат тука што да научат. Младите заминуваат и ние како стопанственици се бориме да ги задржиме барем овие што сега се тука. Имаме многу можности коишто ни се отворени, но мора да се вложува во образованието за тие можности и најдобри практики да ги донесеме дома“, рече Антевски.
И претставниците на Владата и претставникот на бизнис секторот се согласни дека стратегијата на чекање оди на штета на развојот на Северна Македонија и дека не постои друга алтернатива за економски раст и подобар живот за граѓаните од интеграцијата во Европската Унија.