Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес претседаваше со Оперативното постојано тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот каде што беше разгледана и усвоен нацрт текстот на Националната стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија за периодот 2024-2026, со соодветен тригодишен акциски план.
Вицепремиерот се обрати на присутните со пораките за важноста на стратегијата која беше усвоена и според која се планираат проекти и политики.
Стратегијата е исцртување на една од главните карактеристики и вредности на нашата земја, која во светот веќе се препознава: определбата да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Да изградиме граѓанско општество, со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики, како суштина на нашето заедништво што се градеше со векови и кое претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Различностите ги сметаме за наша предност, наше заедничко богатство. Токму духот на тоа заедништво од Стратегијата ќе направи жив инструмент за превенција од доминација на етноцентрична култура, што не е модел кон кој се стреми нашата земја. Моделот на Р. Северна Македонија започнува со почитувањето на сите заедници и создавањето можности за различните заедници да соработуваат, се надополнуваат и меѓусебно се збогатуваат.
Интеркултурализмот e чекор повеќе од Мултикултурализмот, и повеќе се посветува на принципите, регулативите и политиките во едно мултикултурно општество што формално се признаваат и го афирмираат постоењето на различностите и посебните заедници, етаблираат и ги гарантираат нивните посебни права, еднаков статус и соодветната заштита.
Централна цел на интеркултурализмот е да овозможи испреплетување, соработка и активна заедничка егзистенција. Интеркултурализмот е пристап чија задача е да развива кохезивни граѓански општества преку трансформација на еднодимензионални во повеќедимензионални идентитети и преку развој на заеднички вредносен систем и јавна култура. Предностите кои го карактеризираат овој пристап се интеракција и дијалог, стремеж кон заедништво и силна социјална кохезија.Ништо не сме постигнале ако различните култури само постојат за себе, едни покрај други, изолирани едни од други. Интеркултурализмот ги надминува овие состојби и овозможува контакт и соработка, заедничко живеење на различните култури.
На последната седница од ова Оперативното постојано тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот, беа едногласно усвоени ревидираните оперативни обрасци од Националната стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија за периодот 2024-2026, со соодветен тригодишен акциски план.
На седницата присуствуваа членови на оперативното постојано тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, во состав Роберт Алаѓозовски претседател на координативното тело и национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Фатмир Битиќи, Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заменик министерот во министерството за политички систем и односи меѓу заедниците Џабир Доко и други преставници на координативното тело.