Kовачевски од Прес- конференцијата: Планот за раст и Лидерскиот состанок во Скопје на Западен Балкан, ЕУ и САД, се јасна порака за македонска европска иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, одржа заедничка прес- конференција со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн, по Лидерскиот состанок што се одржа во Скопје, посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската комисија.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски на прес- конференцијата:

„Почитувани граѓани,

почитувани претставници на медиумите. 

Ми беше чест да бидам домаќин на состанокот на лидери од Западниот Балкан посветен на Планот за раст за Западен Балкан.  

Денес, заедно со лидерите, овде беа присутни и партнерите на регионот.

Европската Унија, преку два високи претставници: генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија Герт Јан Копман и директорот во Европската служба за надворешни работи Марко Маковец.

Потоа САД, преку помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн кого сакам да го поздравам и кој е тука присутен заедно со мене на прес конференцијата.

Присутни беа и високи претставници на клучните регионални партнери на Западниот Балкан, односно Регионалниот Совет за соработка, ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски Форум на Западен Балкан, како и претставници на меѓународни и финансиски партнери, ЕБОР, ЕИБ, Светска Банка, УСАИД и претставници на граѓанскиот сектор.

Денешната дискусија беше посветена на Планот за раст за Западен Балкан препознаен од сите како одлична можност за пристап до Европскиот Единствен Пазар, алатка за забрзан напредок во процесот на пристапување и исклучително значаен за економскиот развој на регионот и за постигнување европски стандарди на живот.

Воедно Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан.

Со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ но пред се од нас, земјите од ЗБ, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години.

Денес фокусот го ставивме на два од четирите столбови на Планот за раст за Западен Балкан на Европската Унија и тоа на Заедничкиот Регионален Пазар и Европскиот Единствен Пазар и тоа од неколку причини.

Прво, бидејќи лично сметам дека овие два столба беа помалку застапени во јавноста досега.

Второ и поважно, истите играат клучна улога во ослободувањето на економскиот потенцијал на регионот. Ќе ги отворат вратите за локалните бизниси и работници кон регионот и кон Европа, а воедно и ќе го направат регионот попривлечен за европските и светските инвеститори.

И трето, преку прифаќање и примена на стандардите на ЕУ, Заедничкиот регионален пазар ќе делува како отскочна даска кон европскиот единствен пазар. Ако зборуваме во бројки, тука зборуваме за регионална економија со нешто над 100 милијарди евра БДП и 17 милиони жители, којашто претендира да се приклучи на пазар од 450 милиони жители, со БДП над 15 трилиони евра. БДП на земјите од регионот во однос на ЕУ е само 0,6%. Воедно, со воспоставувањето и зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар се очекува нашите економии ќе пораснат за околу 10%.

Затоа, денес ги реафирмиравме нашите заложби за унапредување на четирите слободи на движење- на капитал, стоки, услуги и луѓе - за сите наши граѓани.

Важно е за граѓаните да чујат дека имаме конкретен план како да ги зајакнеме нашите економии, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да обезбедиме стабилен и развиен регион. Важно е да чујат дека имаме конкретна поддршка на европскиот пат.

Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, Европската Унија и Соединетите Американски Држави од овде, од Скопје испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија.

Воедно, испратија и порака дека во тој процес, сметаат на проевропските државни лидерства.

Денеска на состанокот усвоивме Заедничка изјава, со којашто ние, како лидери од Западен Балкан, се обврзувавме на развој на нашите држави по европски стандарди. Во Заедничката изјава го нагласивме огромното значење на соработката меѓу сите нас во регионот, како стратешки сојуз на државите од Западен Балкан, за да ја постигнеме нашата индивидуална цел и истовремено заедничка цел - членство во Европската Унија.

Република Северна Македонија веќе три децении е во пристапниот процес и имаме добар степен на усогласеност на нашето законодавство со правото на ЕУ од над 50 проценти. Како Влада направивме сè што беше потребно и во изминатите 15 месеци успешно го завршивме скрининг процесот со ЕУ по одржувањето на првата меѓу-владина конференција.

Но, процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија не е само владина процедура. Тоа е општествена трансформација која што ги опфаќа сите општествени чинители. И бара високо ниво на лична политичка и институционална одговорност за да ја реализираме и оваа наша стратешка цел, по интеграцијата во НАТО.

И сакам да порачам дека ќе направиме сè што е потребно, за да осигураме стабилна економска и просперитетна европска иднина на македонските граѓани, во родната земја.

Денес бев домаќин на завршниот меѓународен настан во овој мој прв мандат како премиер, и би ја искористил оваа прилика јавно да им се заблагодарам на сите за партнерството и соработката. Заедно поминавме низ многу предизвици, се држевме едни со други и ги здруживме силите кога тоа беше потребно.

Верувам дека и во следниот мандат ќе ја продолжиме и интензивираме проевропската агенда која нашите граѓани ја очекуваат од нас. Регионот, Северна Македонија припаѓа во ЕУ и тоа е процес кој е започнат и нема да застане. ЕУ е нашата единствена алтернатива и стратешка цел. И затоа и тука, и пред вас ќе повторам - со политичка волја и напорна работа, нема недостижна цел.

Ви благодарам, благодарам уште еднаш на помошникот државен секретар на САД, на претставниците на ЕУ и секако на лидерите од земјите од Западен Балкан за денешната исклучително важна средба, на овој состанок на лидерите на Западен Балкан и на ЕУ на кој разговаравме за овој план за развој на земјите од Западен Балкан.
 
Благодарам.“

JOINT STATEMENT FROM THE LEADERS OF THE WESTERN BALKANS SIX (WB6) “The Growth Plan: Western Balkans Meets EU” Conference, Skopje, 22 January 2024