Дадениот збор пред сточарите го исполнуваме.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, дека започна исплатата на субвенциите за сточарско производство.
Од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се изготвени налозите за исплата на финансиската поддршка за одгледувачите на овци, кози и говеда и испратени за нивна реализација во трезорот на министерство за финансии.
Како корисници на оваа поддршка се јавуваат земјоделски стопанства кои пријавиле одгледување на овци, кози и говеда, кои имаат наполнето 12 месеци до денот на поднесување на барањето.
АФПЗРР продолжува со обработка на податоците од откупните претпријатија и кланиците, со цел обезбедување на дополнителна поддршка за сите одгледувачи, кои имаат произведено и предадено млеко кај регистрирани откупувачи на млеко, или предале јагне, говедо или јаре во кланичен капацитет.
Во вторникот на состанокот со здруженијата на сточари информиравме дека до крајот на оваа недела, исплатени ќе бидат 30% авансни субвенции од 2023 година за сточарите, а до почетокот на месец март следува и исплатата на дополнителните 70% од субвенциите.
Сточарството е нашиот главен фокус оваа 2024 година.
Од 4.000 на 12.000 денари се зголемува поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци. Поддршката за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет исто така се зголемува, од 400 на 1.000 денари.
Ваквото зголемување на поддршакта за овие мерки има за цел, да даде поголем мотив, сигурност и поддршка во работата на сточарите, но и на долг рок, да даде резултати во зголемување на домашниот сточен фонд, производството на млеко и месо. Ова зголемување следува откако во 2023 година, преку новиот систем за контрола предвиден со новиот модел за субвенционирање, ставивме ред, добивајќи ја реалната бројка на животни за кои се исплаќа финасиска поддршка.
Креирана е нова мерка за поддршка во одржување на ливадите, во висина од 6.000 денари по хектар. Мерка по европски стандарди, која има за цел да ги стави во функција површините со намена ливади и пасишта, за производство на храна за добитокот.
Преку програмата за рурален развој ги помагаме сточарите во трошоците за ангажирање на работна сила за чување и напасување на добитокот на пасишта или ливади. Од досегашните 360.000 денари по овчар, на 620.000 денари се зголемува платата за овчарите, а дополнително се трга досегашниот критериум над 700 метри надморска висина.