Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска во рамки на теренските активности во Велес оствари посета на браната Лисиче, уште еден значаен капитален проект во водоснабдувањето на земјоделските површини.
Изградбата на браната Лисиче, пред се, имала цел да го реши проблемот, кој градот Велес и околните населени места го имаа со водоснабдувањето, обезбедувајќи квалитетна вода за пиење на граѓаните. Дополнителна цел на браната Лисиче, уште при нејзиното планирање, е да обезбеди наводнување на земјоделските површини од овој регион, како и можност за користење на хидропотенцијалот од браната.
„Градиме модерни системи за наводнување, обезбедувајќи сигурно земјоделство. Денес, конечно после 15 години од пуштањето на овој систем во употреба, се компелтираат сите 3 фази предвидени со основниот проект на браната Лисиче. Покрај обезбедување на квалитетна и чиста вода за пиење на граѓаните од овој систем, преку исградбата на паралелен цевковод, се отвора можноста и за наводнување на земјоделските површини во овој регион, а се создава и можност за искористување на хидропотенцијалот од оваа брана“, истакна министерот Николовски.
Хидросистемот Лисиче е еден од четирите системи, кои заедно со системите Пепелиште, Страиште, и Коњско, се дел од Програмата за наводнување на државата, за инвестиции во изградба на цевководи, што ќе обезбедат наводнување за нови 13.500 хектари обработливо земјоделско земјиште. Ова е историски договор вреден 120 милиони евра, најголем договор и по површина и по вредност.
„Започнати се веќе активностите за проектирање и изградба на системот за наводнување од браната Лисиче. Потпишан е договорот со фирмата консултат, а веќе е изработена физибилити студијата, како и процентката на еколошкото и социјално влијание, докажувајќи ја изводливоста и одржливоста на инвестицијата. Новиот систем за наводнување од хидросистем Лисиче опфаќа 3.500 хектари земјоделски површини. Значајна капитална инвестиција, која е уште еден доказ за нашата посветеност како министерство да обезбедиме одржлив развој на домашно земјоделство“, истакна министерот Николовски.
Имплементацијата на проектот е од страна на министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, поддржан од кредитната банка KFW од Сојузна Република Германија. Преку заем од 80 милиони евра и грант од 2.8 милиони евра за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во овие области, односно 70 % од вкупната вредност, додека преостанатите 30 % се буџетски средства.
Реализиацијата на проектите предвидени во Програмата за наводнување овозможува изградба на модерни и ефикасни системи за наводнување, директно помагајќи им на земјоделците.