Џафери: Со Националната развојна стратегија го трасираме развојниот пат на Северна Македонија во следните две децении

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска се обрати и ја водеше првата конститутивна седница на Националниот совет за развој. 

Во продолжение ви ја праќаме интегрално изјавата на премиерот Џафери:

„Почитувани членови на Националниот совет за развој,

Имаме историска шанса да работиме на најсеопфатниот стратешки документ од осамостојувањето на државата - Националната развојна стратегија, документ со кој ќе се трасира развојниот пат на државата за следните 20 години.

Процесот на подготовка на Националната развојна стратегија беше започнат во јануари 2021 година, на иницијатива на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и со учество на Министерството за финансии и други институции во рамки на Владата, Фатмир Битиќи и Фатмир Бесими.

Воспоставена е оперативна структура во рамки на Генералниот секретаријат за поддршка на Националната развојна стратегија.

Националната развојна стратегија, ја отсликува инклузивноста на нашата држава. Овој процес се подготвуваше скоро три години, во што учествуваа  околу 14.000 граѓани, повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, граѓански организации, над 500 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 1000 млади и членови на младински организации.

Националната развојна стратегија опфаќа економски, социјални, еколошки и културолошки аспекти на развојот на нашата држава во следните две децении.

Со Националната развојна стратегија, се отвораат можности, но и се создаваат капацитети за отпорност на општеството за справување со зголемената несигурност и ризици во светски рамки, како и за справување со глобалните трендови, како што се климатските промени и дигиталната трансформација.

Сега имаме патоказ по кој ќе креираме во каква држава сакаме да живееме, какво општество ќе изградиме во следните 20 години.

Процесот се спроведува со експертска и техничка помош од УНДП, во координација со Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, Амбасадата на Обединетото кралство и Амбасадата на Република Словачка.

Во рамки на стратегијата се утврдени 6 (шест) стратешки области со стратешки цели и приоритети за секоја од нив.  

По спроведен интензивен консултативен процес, донесен е Законот за Национална развојна стратегија од страна на Собранието на Република Северна Македонија на 06.02.2024 година, со поддршка на пратениците од власта и опозицијата од речиси сите политички партии кои се застапени во законодавниот дом. 

Истиот е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, на 09.02.2024 година.

На 4-та седница на Владата одржана на 13.02.2024 година, донесена е Одлука за формирање на Националниот совет за развој, како дел од управувачката структура за Националната развојна стратегија.

На 6-та седница на Владата, одржана на 20.2.2024 година, донесено е Решението за именување на членови на Националниот совет за развој.

Денеска имаме чест и задача да го конституираме Националниот совет за развој.

Стратегијата значи општествен консензус за тоа кои се нашите државни интереси и како истите ќе ги постигнеме. Сите овие заложби се во согласност со аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, но исто така силно ја демонстрираат и посветеноста кон постигнување на Целите за одржлив развој.

Стратешкиот документ ќе нѝ ја даде потребната јасност и визија за развојните цели на нашето општество. Сега треба да вложиме напор и придонес сите ние, заедно, за иднината на нашата држава.“