На покана на албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска присуствуваше на отворањето на модернизираната воздухопловна база Кучова која е трансформирана во НАТО тактичка воздухопловна база.
Оваа НАТО база ќе се користи како поддршка за разни видови на воздухопловни операции на НАТО, вклучувајќи ги и активностите за воздухопловно патролирање на НАТО од страна на грчките и италијанските воздухопловни сили.
Министерката Петровска му честиташе на нејзиниот албански колега, Пелеши за отворањето на овој значаен капацитет за воздухопловна поддршка, истакнувајќи дека сите активности кои ги превземаат земјите од регионот за зајакнување на воените капацитети, вклучувајќи ја и модернизацијата и опремување на вооружените сили, влијаат на зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО и безбедноста на земјите од регионот и нивните граѓани.