Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска по повод Денот на учителот, го посети Основното училиште „Форина", во неговото родно село, Форино, Гостивар.
Премиерот Џафери, во своето обраќање пред наставниците и учениците, им го честита денешниот Ден на учителот, посочувајќи дека на овој ден им се оддава почит на учителите кои ја извршуваат најблагородната професија, тоа е образувањето и воспитувањето на идните генерации. Денешниот ден, како што посочи премиерот Џафери, е потсетување на отворањето на првата училница со настава на албански јазик во Корча, со што се поставени темелите на албанското образование.
Премиерот Џафери, во своето обраќање, ја потенцираше улогата на учителите во образовниот процес како и во надградување на знаењето на учениците, што е важно за иднината на младите, но и за напредокот на општеството.
„Ова е посебен ден кога се сеќаваме на денот на отворањето на првата училница на албански јазик во нашата историја. Оддаваме почит до сите што се живи, и се меѓу нас, за придонесот што го имаат дадено. Денес, ја уживаме можноста во која младите генерации имаат избор од повеќе универзитети на кои се одвива настава на албански јазик, односно, Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Универзитетот на Југоисточна Европа, кој е основан на приватно-јавна иницијатива. Сите тие високообразовни установи имаат една заедничка цел, а тоа е да се развие високата академска мисија на албанскиот јазик. Ова нека биде пример и стимул за учениците кои ги започнуваат првите чекори на стекнување знаење, да целат кон тоа дека еден ден, некој од нив ќе може да го заземе моето место овде, но и местото на сите од нас“, порача премиерот Џафери.
Во своето обраќање, премиерот Џафери, посочи и дека особено радува фактот што за разлика од минатото, денес учениците во ова училиште учат во нов и современ објект.