Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска присуствуваше и се обрати на Свечената академија по повод одбележувањето на „Денот на учителот“ на Универзитетот во Тетово.
Во рамки на Свечената академија, на премиерот Џафери од страна на претседателот на Сенатот, професор д-р Вулнет Амети, а по повод Денот на учителот, му беше доделена Националната награда „Фадил Сулејмани“.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Џафери:
„Почитувани семејства на паднатите борци,
Почитувани професори,
Почитуван претседател на Сенатот,
Почитувани пратеници, министри,
Драг командант Али,
Почитуван генерал,
Драг Реис,
Драг Вујче, претседател на Здружението на ветераните,
Почитувани граѓани,
Чест ми е да ве поздравам сите присутни на оваа Свечена академија од име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име.
Вистинско задоволство е на овој толку голем и значаен ден за сите учители, да можам да се обратам овде, во храмот на знаењето, пред еден олку посебен аудиториум во Државниот универзитет во Тетово.
Нашиот албански јазик е убав и богат, сепак, зборовите не се доволни за изразување на нашата огромна благодарност за благородната мисија што ја извршуваат.
Денес е Денот на учителот и денот кога се отворила првата училница на албански јазик во Корча и сите ние оддаваме почит за трудот и скапоцениот придонес што го вложуваат за иднината на нацијата.
Денес, јас го започнав денот во Основното училиште Форина, во моето драго Форино, затоа што, нема поубаво чувство од тоа првата благодарност во овој ден да ја изразам токму таму каде што и го започнав и самиот моето лично интелектуално патување, таму каде што се поставија цврстите темели на мојата самодоверба, сфаќањето на правите вредности и тежнеењето кон постигнување на успесите кои претставуваат реализација на визиите што некогаш можеби се чинеле невозможни.
Меѓутоа, еве денес, многу визии се имаат претворено, а верувам и дека ќе продолжат да се претворуваат во реалност која ја живееме ние, и ќе продолжат да ја живеат и надградуваат младите поколенија кои го следат нивното интелектуално и професионално патешествие токму во студентските клупи на овој универзитет и на другите високообразовни институции низ целата држава, во регионот и светот. За да не прават нас горди, за да се почитуваат себеси и општеството.
Во оваа прилика,
Драг претседателе на Сенатот, Проф. Д-р Вулнет Амети,
Почитувани членови на Сенатот на Државниот универзитет во Тетово,
Дозволете ми да изразам искрена благодарност за одлуката што сте ја донеле да ми оддадете почит со доделување на Националната награда „Фадил Сулејмани“, за функцијата на прв премиер Албанец која што ми е доверена и јас, покрај благодарноста, сакам да ве уверам во уште една работа. Јас ќе продолжам да работам онака како што сум работел и сум ја вршел секоја должност што ми била доверена досега: со висока професионалност, со безрезервна посветеност и секогаш водејќи се и поаѓајќи од Уставот, законите и прифатените универзални права и обврски за секое човечко суштество.
Тука сум, за секој поединец од која било етничка, верска, културна, социјална, родова и маргинализирана припадност, затоа што силно верувам дека сите треба да ги уживаме истите права, но и обврски, сите треба максимално да придонесеме во секоја област во која работиме, за доброто на сите, за доброто на државата и за целосната рамноправност на сите граѓани на Република Северна Македонија.
На крај, сакам уште еднаш да упатам честитки до раководството на Државниот универзитет во Тетово, кое во последните 29 години докажа дека знае да создава професионални и образовани кадри, високо поставени во општествените сегменти и ова уште повеќе ми ја зголемува вербата во вистинската одлука што ја донесовме како Пратеничка група на Демократската унија за интеграција во далечната 2004 година.
Тогаш како креатори на политики, имавме сила, меѓутоа и волја за да го изгласаме Законот за актуализација и легализација на Универзитетот во Тетово, што значеше целосна институционална легализација и признавање на иницијативата од 1994 година.
Денес, Државниот универзитет во Тетово е комплетиран благодарение на ангажманот на Владата, и со студентскиот дом за студентите во кој престојуваат околу 300 студенти, и ова ме радува многу.
Затоа што, инвестирањето во образование и во услови за квалитетно образование е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме за напредокот и развојот на државата и тоа зависи од начинот како ние ги едуцираме нашите млади.
Јас сум убеден дека нивниот успех ќе биде најголемата награда за сите нас, со поддршка на младите во градењето на здрави општества, со прифатени универзални вредности и стандарди.
На крај, дозволете ми уште еднаш да упатам срдечни честитки за Денот на учителот и да ви заблагодарам на вниманието но, без да испуштам пред време да упатам честитки до нашите мајки, жени, сестри и ќерки за утрешниот празник на жената, 8 Март.