Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на брифинг со претставниците на медиумите ја образложи одлуката за набавка на осум нови повеќенаменски хеликоптери од типот AW149 и AW169M за Армијата на Република Северна Македонија од светски познатата и реномирана компанија „Леонардо“.
Министерката Петровска истакна дека препораката за набавка на овие хеликоптери е донесена од Интегрираниот проектен тим составен од експерти во Министерството за одбрана и Армијата, кој функционира од 2019 година. Во овој период ИПТ тимот реализираше бројни работни состаноци и посети на компаниите – кандидати за набавка на новата платформа хеликоптери, во чии рамки беа извршени и демонстративни летови со потенцијалните нови хеликоптери.
„Беше извршена сеопфатна и објективна анализа на сите алтернативи преку голем број на матрици и утврдена методологија кои вклучуваа тактичко-технички перформанси на хеликоптерите, опременост со системи за реализација на потребни мисии, системот за одржување, цени, обуки, перспективност и слично“ рече Петровска.
Министерката додаде дека паралелно со оваа набавка, а како дел од една целина Министерството за одбрана работи и на подобрување на состојбата со персоналот кој понатаму ќе ги лета и одржува овие хеликоптери.
„Со набавката на новите хеликоптери ќе дојде до значителна модернизација на воздухопловната компонента и подигање на способностите за извршување на мисии како за потребите на Армијата така и за поддршка и на другите цивилни институции на нашата држава. Инвестирањето во Армијата е инвестирање во иднината на нашата држава и затоа ќе продолжиме со овој интензитет“, истакна министерката Петровска.
Претставниците на медиумите од страна на заменикот-командант на Воздухопловниот ВИНГ, полковникот Игор Чкоров беа запознаени со карактеристиките на хеликоптерите од типот AW149 и AW169M, како и причините зошто овие хеликоптери се најсоодветни за македонската Армија.
Набавката ќе започне да се реализира по потпишувањето на договорот Влада-со-Влада, меѓу Република Северна Македонија и Република Италија кој ќе биде потпишан деновиве.
Во оваа набавка покрај набавката на 4 хеликоптери од типот AW149 и 4 хеликоптери од типот AW169M е вклучен и пакет за логистичка поддршка – опрема која ги исполнува оперативните барања за извршување на специфични мисии; комплет резервни делови и потрошен материјал, специјален алат, испитна опрема за двата хеликоптери; тренажер и изградба на модерен инфраструктурен објект и комплетна обука на летачкиот и техничкиот персонал. Хеликоптерите се очекува да пристигнат во периодот од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година.