Груевски: Предложените законски измени нема да одземат ниедно право на навработените

Целта на предложените измени на   Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност е да се класифицираат невработените лица, како што се прави во земјите на ЕУ, рече премиерот Никола Груевски, отфрлајќи ги обвинувањата на СДСМ дека со нив многу невработени ќе бидат избришени од списокот во Агенцијата за вработување.

- Жалам што опозицијата повторно се обидува да манипулира со граѓаните. Предложените измени нема да избришат ниту еден од евиденцијата, ниту оние кои во иднина ќе одбијат вработување што ќе им биде понудено.  Целта на измените на Законот е да се изврши структурна класификација на оние кои бараат работа, да се види кои се тие што многу бараат работа и веднаш би прифатиле вработување, кои се оние кои таа не им итна и најнеопходна во овој момент и третата група - оние кои формално бараат работа но, всушност, не бараат вработување, а има многу и такви. Тоа нема да одземе ниту едно право на невработените, ниту, пак, ќе избрише кој било од нив, изјави Груевски по посетата на Градската општа болница „8 Септември“.

Посочи дека 25 од 27-те  земји-членки на Европската унија ја применуваат таквата методологија, која на државата треба да и даде појасна слика за состојбата во областа на невработеноста што, рече тој, е добро за евиденција, аналитика и за преземање нови мерки за подобрување на состојбата со невработеноста.

Груевски нагласи дека Владата е најмногу фокусирана да се намали бројот на невработени и оти од 2006 - кога ја презеде власта, до 2008 - кога почна светската економска криза, го намалила за седум проценти бројот на невработени, од 38 на 31 отсто.

- По почетокот на светската економска криза и европската должничка криза правиме се да не дојде до повторно зголемување на невработеноста како во многу други држави. За среќа, тие напори се успешни и немаме повторно зголемување, но правивме максимални напори да привлечеме нови компании од Македонија и од странство да отвораат нови работни места и да продолжи трендот на натамошно намалување на невработеноста, додаде Груевски.