Денес, на покана на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се оствари средба со претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски и членовите на Комисијата, затоа што обезбедувањето на фер и демократски избори е мандат на оваа Влада, но и обврска на Државната изборна комисија.
Во својот вовед, премиерот Џафери истакна дека, обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување од аспект на законската регулатива и минимум стандарди, туку и взаемна проактивност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи. Ова секако е важно, затоа што меѓу другите обврски, двете институции заедно имаат и обврска да ја штитат и репутацијата на институциите и да ја зацврстат довербата на граѓаните во самиот изборен процес. А тоа ќе се постигне само ако низ дела се потврди дека навистина се преземени сите потребни мерки за нивно заштитување и овозможување за остварување на своето право.
Претседателот на Државната изборна комисија, Даштевски, го поздрави предлогот на премиерот Џафери за координација, затоа што ДИК како надлежно тело за успешно спроведување на изборите, и при тоа независно, непристрасно, одговорно и професионално во своето работење, има потреба од поддршка и од другите институции.
На состанокот се разменија информации околу потребните подготовки за спроведување на претстојните избори. Од двете страни беше нагласена законската надлежност, но и политичката волја, за слободни, фер и демократски изборни процеси на претседателските и на парламентарните избори на 24 април и на 8 мај, на коишто, како и во неколкуте претходни изборни циклуси, граѓаните слободно ќе го направат својот избор.
Премиерот Џафери потенцираше дека Владата што ја предводи работи согласно законските прописи за предизборието и дека е одлучно определен надлежните институции да организираат и спроведат фер избори, според најдобрите европски пракси и стандарди.
Заедничка констатација на средбата беше дека, Република Северна Македонија е на европскиот пат, практикува европски вредности и потребен е силен фокус од сите политички субјекти и наратив на меѓусебно почитување, за фер и демократски избори што ќе придонесат во напредокот кон Европската Унија.