Маричиќ: Обединетоста на регионот на југоисточна Европа значи забрзана интеграција на земјите кандидати на патот кон унијата

Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ беше домаќин на министерскиот состанок на министри за европски прашања учесници во процесот за соработка во Југоисточна Европа во рамки на претседавањето со ПСЈИЕ 2023-2024. 

По состанокот на кој се усвојуваше заедничката изјава со која учесниците на Процесот за соработка на југоисточна Европа кои се земји-членки на ЕУ ја нудат својата цврста поддршка на учесниците во ПСЈИЕ кои не се членки на ЕУ на патот на интеграција, засновано на заслуги кон полноправно членство во ЕУ. 

По одржувањето на состанокот на кој учествуваа делегации од сите земји членки од ПСЈИЕ и претставниците на главните градови на Југоисточна Европа. Вицепремиерот Маричиќ се обрати до медиумите со благодарност истакнувајќи го значењето на соработката.


Интегралната изјава на првиот ицепремиерот Маричиќ

 

Скопје денеска беше домаќин на Состанокот на министри за европски прашања на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Ми беше чест да ги пречекам министрите за европски прашања на земјите членки на Процесот, моите колеги и претставниците на главните градови на Југоисточна Европа. 

Инспирирани од слоганот „Премостувајќи поделби, градејќи доверба“, на нашата агенда беа приоритетите кои го обезбедуваат помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евро-атлантските интеграции, но и зајакнувањето на демократијата, фундаменталните права и вредности, владеењето на правото, борбата против корупцијата, безбедноста и климатските промени.

Напредокот што го постигнавме во поттикнување посилна регионална соработка, градење доверба и помирување е значителен. Сепак, не застануваме тука. Во процесот се вклучени членки на Европската Унија и земји со кандидатски статус за членство што претставува одлична можност за размена на искуства и за взаемна поддршка за на патот до забрзана интеграција на целиот регион во Европската Унија.

На состанокот покажавме дека на овој пат имаме силна поддршка во „Стратегијата на Југоисточна Европа 2030“ и во Планот за раст на Европската Комисија. На сите нас ни е сосема јасно дека реализацијата и на Стратегијата и на Планот за раст бараат константа работа, силна посветеност и сериозни заложби. Имаме заедничка согласност дека нашиот фокус мора да остане на поттикнување на регионалните врски меѓу луѓето и искористување на огромниот економски потенцијал што го поседува нашиот поширок регион.

На сите земји учесници на овој министерски состанок им е сосема јасно дека економската интеграција е клучна отскочна штица на нашето усогласување со единствениот пазар на ЕУ. Тоа е домен каде нашиот фокус мора да биде непопустлив. 

Иницирањето реформи во секторите клучни за нашата регионална економија, промовирањето на трговијата и инвестирањето во регионалното поврзување не само што ќе ги поттикне нашите економии, туку и ќе ја поттикне нашата социо-економската отпорност.

И на овој состанок покажавме дека сме обединети во нашето патување кон полноправно членство во Европската Унија. Со непоколебливата поддршка од земјите членките на Европската Унија кои се учеснички во Процесот за соработка на Југоисточна Европа, заедно, можеме да ги надминеме предизвиците, да ги искористиме можностите и да ја претвориме нашата заедничка визија во реалност.

Денес, обединети во својата определба за прогрес кон Европската Унија заедно со нашите регионални партнери на овој состанок беше усвоена заедничката изјава со која учесниците на Процесот за соработка на југоисточна Европа кои се земји-членки на ЕУ ја нудат својата цврста поддршка на учесниците во ПСЈИЕ кои не се членки на ЕУ на патот на интеграција, засновано на заслуги кон полноправно членство во ЕУ. 

Ние, учесниците на ПСЈИЕ, стоиме обединети во нашата поддршка за директни придобивки за сите партнери во регионот преку постепена интеграција, овозможувајќи усогласување со Единствениот пазар на ЕУ веќе за време на процесот на проширување на ЕУ.

Обединетоста на регионот на југоисточна Европа значи забрзана интеграција на земјите кандидати на патот кон унијата, за другите пак значи овозможување на регионална соработка со повеќебројни економско-социјални придобивки. Впрочем, еден од темелите на значењето на Европската унија се обединетост, единство и соработка со крајна цел придобивки за сите граѓани. 

Истовремено, сите сме свесни дека најдобриот начин да се донесат вистински промени е да се оди напред на патот до членство во ЕУ. Од ЕУ добиваат сите граѓани што е наша заедничка цел,  како од слободното движење и можностите за патување, учење, надградба и работа, така и од фондовите за реконструкција што во поголем број ќе се искористат за нашите училишта, болници и инфраструктура.

Европската Унија е најуспешниот модел на обединетост на Европскиот континент по Втората светска војна. Атина, Софија, Љубљана, Загреб, Букурешт се сведоци и наши примери за значењето на европското заедништво во смисол на безбедност, економско социјални придобивки за сите граѓани а останатите членки на Процесот на соработка на југоисточна Европа го следиме моделот, со заложби за соработка и побрза интеграција кон ЕУ. 

Верувам дека моите колеги од Анкара, Белград, Кишињев, Подгорица, Приштина, Сараево, Тирана ќе се сложат и ја имаат истата визија. 

Нашата детерминираност е неприкосновена, и од европската иднина нема да се откажеме, потхранети од соработката и пријателството со регионот и нашите соседи, партнери. Верувам дека со иницијативите за соработка, се зацврстува темелот на стабилна Европа, врз кој се надградува силната економско социјална моќ со која располагаме, и тоа и ќе го постигнеме. Во Европа, ќе бидеме посилни, во единството, во размена на придобивките а и во соочувањето со предизвиците. За европска иднина на југоисточна Европа, ве поздравувам и благодарам за учеството денес во Скопје.