Денеска на сметките на околу 14.300 тутунопроизводители, исплатени се субвенциите за реколтата 2023 во вкупна вредност од близу 1.5 милијарди денари и тоа за двете мерки, основни и дополнителни директни плаќања или народски кажано субвенции, за договорен и продаден ориентален ароматичен тутун. Ова е досега најголема исплата за поддршка на производителите на тутун, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Минатогодишната реколта тежеше 14.763 тони, а целата количина беше навремено откупена до последниот лист. Тутнот од реколтата 2023 постигна рекорна откупна, од 365 денари по килограм за целокупната количина предаден тутун. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска ја реализираше исплатата на двете мерки, основни и дополнителни директни плаќања, за договорен и продаден ориентален ароматичен тутун. Оваа реколта субвенцијата за тутун е зголемена за 20 денари за сите три класи на тутун, па така субвенцијата за прва класа предаден тутун, за прв пат до сега, постигна вредност од 100 денари по килограм.
„Ова се рекордни бројки и треба да бидат рекордни! Ние ќе продолжиме да правиме се што можеме за уште посилна поддршка на тутунопроизводството, затоа што тоа е култура која се произведува со многу мака, со вклученост на целото семејството, процес кој долго трае, се произведува на отворено и многу зависи од климатските фактори, што значи дека секогаш постои ризик за ова производство, а на многу семејства ова им е единствениот приход. Затоа и велиме дека тутунот е најмачната работа и треба да биде добро платен“, изјави министерот Николовски.
Македонија има најквалитетен тутун во регионот, а од тутунот државата годишно остварува околу 120 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува околу 20 илјади семејства.
„Сето ова, нам ни дава јасен правец, дека треба се повеќе да вложуваме за развој на тутунопроизводството. Ние тоа го правевеме и до сега, а така ќе биде и во иднина. Ги укинавме белите картончиња за откуп, ја укинавме субвенцијата од само 60 денари по килограм за сите класи и креиравме нов модел на скалесто субвенционирање по класи и тоа 80 денари за прва, 70 за втора и 60 за трета, а од оваа година сите ги зголемивме за плус 20 денари, па денес имаме 100 денари субвенција за килограм тутун од прва класа“, изјави министерот Николовски.
Покрај добрата откупна цена, која ја вреднува маката на тутунарите, како министерство креираме и конкретни мерки, што обезбедуваат сигурност на тутунарите и стабилен развој на тутунопроизводството.
Од оваа година, тутнарите добиваат нова мерка, основна субвенција по пријавена површина тутун, од 6.000 денари по пријавен хектар. Преку оваа нова мерка тутунарите се стекнуваат и со право на мерката зелена нафта, со поддршка од 2.000 денари по хектар.
Министерот Николовски истакна дека бројките за тутунот се највисоки до сега, упатувајќи благодарност до сите тутунопроизводители, нагласувајќи дека ова е заеднички успех на министерството и тутунарите.