Груевски: Струмичката болница ќе добие нов ангиограф

Владата на Република Македонија донесе одлука да набави дополнително уште еден ангиограф за струмичката болница, по набавените нови ангиографи за болниците во Штип, Тетово, Скопје и во Охрид, изјави премиерот Никола Груевски денеска по промоцијата на нови преводи на стручни книги. 

- Цениме дека во тој регион има многу жители и дека треба да се набави ангиограф, кој е многу важен во случај на инфаркти, бидејќи некогаш минути одлучуваат за живот. За да не се случи некои луѓе да го загубат животот носејќи ги до најблиската болница, одлучивме да започнеме постапка за набавка на ангиограф, истакна Груевски.

Заклучокот на Влада е донесен, рече премиерот и додаде дека очекува оваа или следната недела да биде објавен тендер, а кон средината на следната година да биде вграден ангиографот во струмичката болница.

Во меѓувреме, како што посочи, одреден број лекари од Струмица ќе бидат испратени на обука за да научат да работат со ангиографот.

Шефот на македонската Влада посочи дека во делот на здравството во програмата е зацртана реконструкција и градба на болници, набавка на опрема и медицински апарати, максимално намалување на цените на лековите и подобрување на услугите од страна на медицинскиот персонал и лекарите кон пациентите преку воведување на методите за плаќање по учинок...

- Во моментов се одвиваат десеттина реконструкции во државата. Вчера започна реконструкцијата на Градската општа болница „8 Септември“, која е изградена во 1971 година и досега немало извршена темелна реконструкција како што се прави сега, рече премиерот.

Реновирањето на ГОБ „8 Септември“ треба да чини околу 53 милиони денари. Темелно се реновираат сите болнички соби, вратите и подови, електричната инсталација.

Премиерот Груевски изјави дека градежните зафати следуваат по успешната и коренита трансформација на поранешната болница од воена во цивилна, 160-те нови вработени и новата медицинска опрема  од која половината е донесена.

По завршување на внатрешното реновирање, за следната година е во план и надворешно - обнова на фасадата и прозорците и донесување гас во болницата, со што ќе се подобри енергетската ефикасност.

Груевски денеска најави дека наскоро ќе почне изградбата на Болницата за детски болести „Козле“. - Планирано е во првиот квартал следната година или на почетокот на вториот да започне градбата на болницата во Штип,  реконструкција на одредени делови на болницата во Битола, како и реконструкции на објекти кои се зацртани во планот кој Владата го усвои, а кој во соработка со Банката за развој при Советот на Европа ќе се одвива во неколку фази. При крај е првата фаза и се надевам дека кон крајот на оваа година ќе започне и втората фаза во која ќе се обидеме да ги внесеме сите преостанати болници и клиники кои се на листата за реновирање, истакна премиерот.

Тој посочи дека продолжуваат со реализацијата на оваа програма не само во Скопје, туку и во останатите градови и дека во моментот низ Македонија  се реновираат десетина болници.