Мустафа: Македонија со исклучителни резултати во исполнување на декадните цели за Ромите

Република Македонија испорача исклучителни резултати во имплементацијата на целите на Декадата на Ромите во четирите клучни области - образование, домување, здравство и вработување и со тоа стана пример како декадните цели да станат реалност.

Ова го истакна министерот без ресор и национален координатор на Декадата за Ромите 2005-2012 при Владата на Република Македонија Неждет Мустафа на прес-конференцијата по отпочнувањето со работа на 22. Меѓународен управен комитет на Декадата за вклучување на Ромите на кој и официјално Македонија го предаде претседавањето за следниот едногодишен период со Декадата на Република Хрватска.

- Претседавањето на Република Македонија со Декадата ќе остане во сеќавање со тоа што за првпат во регионот таа го финансира образованието на Ромите средношколци од прва до четврта година. Тоа е пример кој веќе почнуваат да го преземаат и други држави. Почна да се решава и проблемот со децата Роми на улица со нивно згрижување со тоа што во 18 градови беа отворени 18 градинки за прифаќање на овие деца. Со отворањето на информативните ромски центри, пак, Министерството за труд и социјална политика станаа повидливи реалните проблеми на Ромите, истакна министерот Мустафа.

Тој информира дека има значајни постигнувања во однос на решавање на инфраструктурни прашања како инвестии во водоводна и канализациска мрежа во 18 општини.

На прес-конференцијата се обратија и вицепремиерот задолжен за европски прашања Теута Арифи и хрватскиот вицепремиер Невем Мимица кои го потпишаа Протоколот за примопредавање на претседавањето со Декадата.

Според вицепремиерот Арифи, Македонија за една година претседавање постигнала видливи резултати во однос на зголемување на видливоста на проблемите на ромската популација, но и изнаоѓање решениja.

- За мене како потпретседател на Владата задолжен за европски прашања особено е битно што прашањата кои се поврзани со инклузијата на Ромите, како и битни други прашања, најдоа места во дијалогот на високо ниво со Европската комисија што ни дава уште една можност да го зголемиме ангажманот во врска со прашањата поврзани со Декадата на Ромите, како и со прашањата поврзани со недискриминацијата и демократските вредности во нашето општество, рече Арифи. Одговарајќи на новинарско прашање таа посочи дека било побарано од ЕК во рамки на пристапниот дијалог буџетот наменет за Декадата да не се намалува и оти најважно е средствата да се искористат за добри проекти.

Според хрватскиот вицепремиер Мимица, Загреб го презема претседавањето со Декадата на Ромите во услови на глобална економска криза која практично ги засега сите заедници и сите земји во регионот и во Европа. Подвлече дека согледувајќи го македонскиот пример на многу посветено претседателство тие ќе имаат уште потешка задача да ги постигнат стандардите поставени од Македонија.

- Најголем успех на македонското претседателство е тоа што успеа да направи одлучувачки исчекор во имплементацијата на целите во пракса кои треба да се почувствуваат од секој член на ромската заедница. Тоа е она што ни треба, вистинска интеграција и реални и опипливи постигнувања на Програмата и целите на Декадата. Ако продолжиме по тој пат ќе може да кажеме дека клучните цели на Декадата за инклузија на Ромите се постигнати. Хрватска ќе направи се да биде подеднакво ефикасна како и Македонија, рече Мимица.

Дваесет и вториот Меѓународен управен комитет на Декадата за вклучување на Ромите продолжува денеска и утре со разгледување на Декадниот извештај, постигнатиот напредок, искористеноста на фондови за имплементација на целите на Декадата и со вклучување на новиот партнер во Декадата - САД, односно разгледување барања на други потенцијални партнери. На состанокот присуствуваат претставници на земјите членки на Декадата, на ромските невладини организаци и на организации партнери.

Декадата за вклучување на Ромите 2005 - 2015 е иницијата на повеќе влади во Европа со која тие се обврзаа за унапредување на социо-економската положба на ромската заедница и нивна социјална инклузија. Во моментов во неа членуваат 12 земји Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка и Шпанија. Партнери на Декадата се повеќе агенции на ОН, Светска Банка, Банката за развој при Советот на Европа, СЗО и други.