Во Владата на Република Северна Македонија, досегашниот претседател на Владата, Талат Џафери, ја предаде премиерската функција на новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски.
По пристигнувањето, премиерите имаа кратка средба во премиерскиот кабинет.
Досегашниот премиер, Џафери, му го честиташе стапувањето на премиерската должност на новоизбраниот претседател на Владата, Мицкоски, пришто му посака успешна и ефикасна работа, во интерес на сите граѓани на државата и на Република Северна Македонија.
Констатирано беше дека преодната Влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, којашто цели кон полноправно членство во Европската Унија.
Досегашниот премиер Џафери, посочи дека на државата, како и досега, и понатаму ѝ се потребни квалитетни реформи, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните според европските демократски стандарди и вредности. Изразена е и надеж за високо ниво на политичка свест и соработка околу стратешките приоритети.