„Тие само го користат просторот кој што го остави македонската Влада во претходниот состав, тоа се СДСМ и ДУИ. Јас ги читам оние комични соопштенија кои што доаѓаат од СДСМ и навистина не можам да се изначудам тоа кое што го кажуваат таму. Ние како држава треба да се грижиме за нашинците од другите страни на границата. Но, не само во соседството, туку секаде низ светот“, вели Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање кој е коментарот за пропагандата на Бугарија во Албанија во однос на пишувањето на Македонците за бугарско малцинство.
Премиерот Мицкоски истакна дека за ова што се случува виновна е Владата на СДСМ и ДУИ, која како што рече оставила празен простор за бугарската пропаганда, но увери дека Владата има сериозна намера да се грижи за македонското население, нема само во соседството, туку секаде низ светот.
Жалам што тоа се случува, Но, виновникот има име и презиме, тоа е Владата на СДСМ и ДУИ. Бугарската влада со својата пропаганда само го користи празниот простор, кои што овие им го оставија. Сега таму нема да има празен простор. Ние имаме сериозна амбиција и немаме намера да го оставиме тој простор таму, и не само таму туку насекаде во соседството и во светот. Да се грижиме за нашинците насекаде низ светот, вклучително и за Македонците во Албанија. Многу наскоро јас би сакал да ги посетам и ќе појдам да ги посетам, сакам да ја вратам довербата во коренот, во нивната антропологија македонска, македонскиот јазик и сите оние атрибути кои доаѓаат со идентитетот, кои што тие гордо го чуваат и јас сум навистина горд што имаме такви наши браќа и сестри од другата страна на границата, а ние како држава ќе сториме се за да ги заштитиме нивните вековни домови и нивниот идентитет, изјави тој и додаде:
„Жалам што претходната влада на СДСМ и ДУИ вака се однесуваше и остави празен простор туѓа пропаганда да биде активна во тој дел. Но, јас би рекол таа асимилаторска политика од страна на нашиот Источен сосед не е само кај Македонците. Ако ги видите бројките ќе видите дека таа зафаќа и голем дел од останатите граѓани во Албанија. Тоа е нешто кое што треба посериозно да се анализира“.
Премиерот Мицкоски нагласи дека бидејќи во Албанија има три пати повеќе бугарско население од тоа што има во државата, дали и за нив ќе важи истиот услов да се дел од Преамбулата.
„Сега се поставува прашањето, бидејќи во Албанија има скоро три пати повеќе кои се изјаснуваат како дел од бугарската заедница, дали и за Албанија ќе имаме услов да се тие во Преамбулата или нема, бидејќи тие имаат три пати повеќе граѓани на Албанија кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, од тие што велат дека се во Македонија. Сега прашањето е дали за нив ќе важи тој услов, или само за нас ќе важи тој услов. И баш би сакал да видам каква ќе биде реакцијата сега, навистина тогаш не би ја сфатил логиката зошто за нас би важело, а таму каде што ги има од три пати повеќе да не важи тоа. Треба многу внимателно да се пристапи кон овие прашања“, потенцираше претседателот Мицкоски.