Мицкоски до Филипче: Тој се соочува со внатрешни поделби во партијата, а ја коментира работата на Владата, за само 30 дена донесовме 3 крупни инвестиции, нешто што беше незамисливо во нивно владеење

„Повторно ќе кажам тие си ја тераат својата приказна, јас не очекувам дека нешто ново ќе кажат, дека ќе кажат нешто кое што претпоставувам ќе биде пофалба. Иако мислам, лично мислам дека тоа е погрешен пристап, но во ред тие избрале така, нека тераат, избори ќе имаме до година, граѓаните ќе го кажат својот суд кој работи правилно, кој не“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на Венко Филипче дека Владата имала лош почеток и план на инвестициите.

Премиерот Мицкоски истакна дека Владата е 30 дена, а веќе има три инвестиции од кои едната е за изградба на ветерен парк од половина милијарда долари со 630 вработувања, потоа инвестиција од ЕПСОТЕХ и инвестицијата на Вабтек.

„Но ќе го потсетам, еве ние сме 30 дена Влада, во овие 30 дена Влада имаме нова инвестиција од половина милијарда долари, ветерен парк на тромеѓието помеѓу општините Штип, Карбинци и Радовиш, нови 630 вработени, еден терават час електрична енергија од обновливи извори и чекор кон исполнување на личната цел на Владата, а тоа е да бидеме енергетски во делот на увоз-извоз на електрична енергија избалансирани, односно да немаме повеќе потреба од увоз. Да бидеме на крајот на годината со резултат еднаков на нула, кога станува збор за увозот и извозот. Втората инвестиција е од ЕПСОТЕХ, инвестиција каде што ќе бидат исто така десетици милиони евра инвестирани, чинам дека беше околу дваесетина милиони евра, на тоа ќе се додадат 110 нови вработувања, тие велеа, тие ја воделе таа инвестиција, еве ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за тоа што ја воделе четири години и не успеале да ја доведат до крај. Па требаше новата Влада да дојде и во рок од две недели да го реши сето тоа што тие не успеале во четири години, но сепак еве заслужуваат пофалби и благодарност. Благодарам од мое име и од името на граѓаните“, изјави премиерот Мицкоски.

„И трета инвестиција која што овие први 30 дена се случува, тоа е инвестицијата на Вабтек, но и не е само новата инвестиција, туку треба да се предочи дека и старата инвестиција има многу проблеми, посебно во делот на регулирање на правата на располагање и сопственост на земјиштето на кое што се наоѓа старата производна фабрика“, рече тој и додаде:

„И тоа го решаваме, заедно со Општина Гази Баба, околу половина милијарда евра за компаниите и за општините. Ете тоа е од прилика за овие први 30 дена“.

Премиерот Мицкоски потсети на сите катастрофални политики од претходната влада.

 
„Направете анализа што направија тие во минатото, донесоа инвестиција на македонските граѓани во Хонгконг, однесоа би рекол, инвестиција на македонските граѓани во Хонгконг преку фабрика, односно компанија позната за трговија за јужно овошје, која што требаше да ги донесе кинеските вакцини во екот на пандемијата, познатата афера Стабри. Се случуваа многу проблеми, не треба да ве потсетувам на Модуларната болница, не треба да ве потсетувам на катастрофата што се случуваше за време на КОВИД пандемијата, не треба да ве потсетувам на сите оние тендери што се случуваа во минатото поврзани со името на новиот претседател на СДСМ, но органите треба тоа да го истражат. Еве тоа се само дел од работите кои што денеска би ги кажал. Тоа е работа на органите, тие ќе продолжат да ги соопштуваат своите позиции, ние ќе продолжиме да работиме“, објасни премиерот Мицкоски.

„Граѓаните да бидат сигурни дека оваа Влада продолжува да работи, дека нема намера да посветува многу внимание на овие клевети кои што доаѓаат од ново избраниот претседател на СДСМ, сепак тој таму се соочува со внатрешни поделби, нормално е да се трудат кој повеќе ќе дехидрира од критики на работењето на Владата. Така мислат дека кој повеќе дехидрира, тој е поуспешен во рамките на СДСМ, тие малкумина кои што останаа, тоа е нивна политика“, дециден е Мицкоски.