Добар ден на сите,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувана јавност,
Денеска е навистина специјален ден за мене лично, но пред да зборувам за тоа зошто е специјален ден, би сакал да се заблагодарам лично на амбасадорката Агелер за целокупната поддршка којашто ја дава во процесот на модернизација на нашата Армија.
Да се заблагодарам на луѓето коишто се овде со нас, а се дел од вооружените сили на Соединетите Американски Држави коишто помагаат во модернизацијата и осовременувањето на нашата Армија.
Истовремено ќе ми дозволите да искажам најголема благодарност до припадниците на Македонските вооружени сили, овдека коишто беа денеска со нас и коишто навистина на еден инспиративен начин направија презентација на предизвиците коишто следат, но и на тоа што треба ние како Влада да направиме во периодот којшто следи да исти тие ги модернизираме и да овозможиме услови за современа Армија која што ќе одговори на предизвиците за новото време.
А, сега ќе кажам зошто е за мене посебен овој ден, бидејќи се вратив некако 20 и повеќе години наназад кога како полков исто пешадија, само тогаш во првата гардиска чета се возевме во едни не вакви современи возила, туку во многу поедноставни возила и тогаш се обучувавме доколку тоа е потребно го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина.
Сега некако 20 и повеќе години наназад ми се вратија тие сеќавања и таа меморија од тоа време, убаво е човек кога се присетува на нешто од коешто влече убави спомени во минатото.
Сакам исто така да потенцирам и кажам дека во периодот којшто следи партнерството со САД продолжува во делот на соработката меѓу двете Армии, ќе го надградиме, не само во Министерството за одбрана ќе се обидеме тоа да го пресликаме и во другите министерства како што е МВР, онаму каде што е потребна современа опрема за да можеме да одговориме на предизвиците на новото време, и тие предизвици не мора да се само воени. Гледате што се случува поради екстремно високите температури ова лето и пожарите коишто секојдневно се случуваат.
Ја користам оваа прилика да се заблагодарам и на сите оние луѓе коишто учествуваат во гаснењето на тие пожари, но истовремено знам дека голем дел од припадниците на Армијата се вклучени во борба со огнената стихија и припадниците на Министерството за внатрешни работи исто тука. Но, и голем број на македонски граѓани коишто доброволно се вклучија во борбата со огнената стихија и потребна ни е модернизација во тој дел, делот кој управува со кризите и кризните состојби, но мислам дека најитно ни се потребни современи модерни летала, авиони или хеликоптери коишто ќе бидат во функција на МВР, знам дека МО веќе е во фаза на еден таков процес за набавка на такви воени летала и хеликоптери, но и на оние луѓе коишто го управуваат кризниот менаџмент и коишто се справуваат со ваков тип на предизвици.
Потребни се таков тип на алатки и летала за да можеме уште побрзо и уште поекспедитивно да се справуваме со истите.
Потребни ни се дронови, потребно ни е рано детектирање и превенција за да не дојде потоа до ескалација, а таа ескалација може да доведе до несогледливи последици.
Така што очекувам во периодот којшто следи како Влада да се фокусираме и на овој тип на осовременување и модернизација, да не биде тоа само за офанзивни и одбранбени причини, туку да биде и за транспорт, справување со кризни состојби како оваа со пожарите.
Уште еднаш сакам да на војниците, на старешините да им изразам голема благодарност за тоа што го прават за нас и ние како Влада се обврзуваме сите оние услови кои Вам ви се неопходни да ги овозможиме за да можете достоинствено да го браните територијалниот суверенитет и интегритет на нашата татковина.