Почитувани претставници на медиумите,
Најпрво дозволете да изразам сочувство за прерано згаснатиот живот на вашиот колега и искрено сочувство до семејството.
Денеска сакам да Ве информирам дека, откако во собраниската Комисија за финансирање и буџет беше разгледан Предлог-ребалансот и во рамки на која се отвори конструктивна расправа, Владата го усвои Дополнетиот предлог за измени и дополнувања на Буџетот за 2024 година, кој ќе биде испратен повторно во Собранието за негово разгледување и усвојување на пленарна седница.
Дополнетиот Ребаланс на Буџетот за 2024 година одговори на неколку дополнителни предизвици за кои се појави потреба да се направи надополнување во буџетите на одредени буџетски корисници.
Со дополнувањето кое ќе го доставиме на усвојување во Собранието се обезбедија надополнувања во: Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на лични податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народен правобранител и слично. Поконкретно, со надополнувањата се обезбедуваат средства за исплата на плати, како и за набавка на опрема. Меѓу другото во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, 147 илјади денари за набавка на опрема во Инспекциски совет, 60.000.000 денари во МВР за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на Проект Брана Отиња и дополнителни 20 милиони денари се наменети за надомест за одземен имот за Проектот Брана Отиња (експропријација), кај Македонската академија на науките и уметностите 18,7 милиони денари за научно истражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138.000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител.
Ребалансот е документ којшто го подготвивме и го надоградивме, а со кој ги надоместуваме пропустите во планирањето на иницијалниот Буџет и обезбедуваме средства за исплата на сите права согласно закон. На тој начин обезбедивме средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината, средства за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, за здравство и слично.
Имено, со Ребаланс на Буџет обезбедивме:
Над 4 милијарда денари дополнителни средства за исплата на плати. Средства потребни за реализација на преземените обврски за зголемувањето на платите согласно потпишаните колективни договори и законските решенија кои беа донесени по усвојување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година и тоа:
Колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научно истражувачката дејност,
Усогласување со минималната плата за вработените каде минималната плата претставува компонента на основната плата
Усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и ова право ќе биде исплатено со септемвриската плата на вработените
- 5,1 милијарди денари дополнително за исплата на пензии и обезбедување подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓаните.
-За корисниците на правото на гарантирана минимална помош обезбедена е дополнителна финансиска поддршка од околу 800 милиони денари.
- за здравствена заштита обезбедени се дополнителни 1,7 милијарди денари, наменети за здравствено осигурување, боледувања и исплата на обврски,
Дополнително обезбедивме уште:
- 1 милијарда денари за ТИРЗ,
-за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни 1,7 милијарди денари.
- за студентски оброк дополнителни 437 милиони денари, како и 207 милиони денари за исплата на стипендии.
Со ребалансот на Буџетот извдвоивме 6 милијарди денари за проекти во општините.
Почитувани, намерата на Владата е со овој Ребаланс да обезбедиме непречено сервисирање на обврските кон огромен број на граѓани и компании, вклучувајќи ги младите, спортистите, земјоделците, пензионерите, како и вработените во администрацијата преку исполнување на нивните права согласно колективните договори. Стоиме исправени пред предизвикот да ги решиме отворените прашања и да одиме чекор по чекор во исполнување на нашите политики за подобар живот на сите граѓаните.