На „Криволак“ затворен „Летниот кампус 2012“

На армискиот полигон „Криволак“ денеска беше затворен „Летниот кампус 2012“, што се одржа во организација на организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, со поддршка на Министерството за одбрана и на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

Учесници на кампусот беа питомци од Македонија, Бугарија, Црна Гора, Косово, Обединетото Кралство и од Турција, како и студенти од повеќе домашни универзитети. Во рамките на вежбата учесниците обработуваа цивилно-воени и противбунтовнички операции.

„Летниот кампус 2012“ го затвори министерот за одбрана Фатмир Бесими, кој во оваа прилика истакна дека ова е вежба која во Македонија се организира по трет пат. Таа, рече, е исклучително важна бидејќи се работи според концептот на НАТО со меѓусебна координација и соработка на земјите од регионот во успешна реализација и учество на меѓународни мировни мисии во кои учесници од разни земји заедно ги координираат активностите и заедно работат на успешното остварување на целите на Алијансата и она што значи меѓународна мировна мисија.

- Им се помага на луѓето било каде има потреба за тоа, мисии на НАТО, мисии на ОН. Денеска можам да им честитам како на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, така и на сите земји членки со кои успешно се реализираше овој трет по ред „Летен кампус“ на кадети. Со ова Македонија заедно со другите земји партнери од регионот се промовираат како земји кои работат за мирот и стабилноста во регионот и пошироко во светот, рече Бесими.

На затворањето на Летниот кампус присуствуваше и косовскиот министер за одбрана Агим Чеку кој изрази задоволство од присуството на настанот.

- Големо задоволство е што сум тука по втор пат, а за тоа сакам првично да му се заблагодарам на мојот пријател, министерот за обрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, кој не покани и годинава, станувајќи така дел од овој летен кампус, нешто што ние го сметаме за големо постигнување и настан од особенио значење, рече министерот Чеку.

Во овој летен кампус, како што рече, питомците имале можност да научат многу за мировните операции, првично да научат за нивната доктрина, за тактиките и техниките на решавање на разни можни  ситуации по една пост-конфликтна операција во разни земји.

- Овде нашите питомци, учеле, работеле, вежбале во една мултинационална клима со питомци од други седум земји. Притоа, имале можност за воспоставување лични контакти, разменување различни искуства. Но, иако имало седум нации, сите учеле по едни стандарди, НАТО стандардите, рече Чеку.

Тој нагласи дека иако имале друг мандат питомците во Кампусот се третирани рамноправно со другите сили чувствувајќи се горди што се овде. -Сметам дека овие искуства ќе им служат во нивната воена кариера. Треба да ги чуват спомените од овој летен кампус, контактите кои ги воспоставиле со своите колеги од други земји со надеж дека ќе се среќаваат повторно на чување и изградба на мирот секаде каде што ќе биде потребно, истакна Чеку.