Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 17тата седница, на која ги донесе следните одлуки.
Владата ја усвои информацијата за финансиски средства за реализација на проектот: Изградба на главен колектор и станица за пречистување на отпадни води во с. Трпејца, општина Охрид.
Проценетата инвестициона вредност на проектот за изградба на главен колектор и станица за пречистување на отпадни води во с. Трпејца, општина Охрид е 68 милиони денари со вклучен ДДВ и средствата ќе бидат обезбедувани во Буџетот на Министерството за транспорт. Рокот за изведба на планираниот проект би изнесувал околу 8 календарски месеци.
Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства од над 53 милиони денари за изградба на водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација во повеќе општини.
Имено Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства во износ од 21 милион денари за изградба на атмосферска канализација на дел од улиците „Илија Алексов“, „крак на улица 8“, „улица 8“, „улица 9“ во УБ15, општина Радовиш. Планирано е набавката за реализација да започне во месец септември 2024 година.
Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства во износ од 21 милион денари за изградба на фекална канализација на дел од ул. Кленоец и изградба на атмосферска канализација на дел од ул. Кленоец, општина Охрид. Планирано е набавката за реализација да започне во месец октомври 2024 година.
Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства во износ од 11,1 милиони денари за реконструкција на водоводна мрежа и реконструкција на мешовита канализациона мрежа на ул. „11 Март“, ул. „Панде Николов“, ул. „Козара“ и ул. „Чеде Филиповски Даме“, општина Битола. Планирано е набавката за реализација да започне во месец септември 2024 година.
Владата на предлог на Министерството за транспорт донесе одлука за давање на право на трајно користење на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија на општина Велес за изградба на нова катна гаража за потребите на граѓаните на Општина Велес.
Исто така со оглед дека се зголемени трошоците за производство на пченица, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на владина седница се донесе одлука преку интервентна програма да се додели финансиска поддршка по килограм на производителите на пченица кои продале пченица кај регистриран откупувач во висина од 3 денари по килограм предадена пченица.
Поддршката на домашното производство на пченица како најзначајна стратешка култура е многу значајна за да се обезбеди државата со поголема количина на жито од домашно производство, се со цел да се намали зависноста од увоз.
Воедно, се донесе одлука за зголемување на субвенциите на јачмен по хектар, со што од досегашните 6.000 денари, производителите на јачмен ќе добијат 100 процентно зголемување по хектар, и тоа на 12.000 денари.
Оваа измена се врши поради нарушување на пазарот во производството и продажбата на јачмен за 2024 година кој изнесуваше 9 денари по килограм. За таа цел Владата донесе одлука да се интервенира и да ја покрие загубата кај производителите на јачмен.
Со ова зголемување од 100 проценти, односно од 6.000 на 12.000 денари Владата директно им помага на производителите на јачмен да ја покријат загубата.
Владата ги донесе следните кадровски решенија:
Ивица Боцевски е именуван за специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија.
Јетон Сума е именуван за директор на Службата за просторен и информативен систем
Пеце Стојковски е именуван за вршител на должноста директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола
Ерол Абдиу е именуван за вршител на должноста заменик директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола
Блерим Сулејмани е именуван за вршител на должноста заменик директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
Кашмир Салиу е именуван за вршител на должноста заменик на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување
Фикрет Шабани е именуван за вршител на должноста директор на Управа за електронско здравство
Зоран Пејковски, на предлог на министерот за култура е именуван за директор на Културно – информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Република Бугарија
Африм Идризи на предлог на директорот на Управата за извршување на санкции е именуван за в.д. заменик директор на КПД Затвор Скопје
Билјана Стефаноска е именувана за вршител на должноста директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот