На скопскиот аеродром поделени брошури и плакати наменети за граѓаните и странците

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска го посети скопскиот аеродром „Александар Велики“ каде во рамки на активностите на МВР за поисцрпно информирање на странските и домашни туристи околу задолжителните процедури при престој во земјава, учествуваше во делењето информативни материјали. 

- Денешниот настан претставува презентација на информативните брошури и плакати кои ќе бидат дистрибуирани до сите државјани на Македонија кои престојуваат во странство, странците кои престојуваат на територија на државава, како и лицата со потекло од Македонија кои планираат да престојуваат на територија на Република Македонија во периодот на летните одмори, изјави Јанкулоска.

Според неа, брошурите и плакатите наменети за граѓаните и странците содржат корисни информации за услугите кои ги вршат Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи како и Управата за матична евиденција во делот на издавање и замена на лични карти, патни исправи и возачки дозволи, пријавување престој во земјава, пријавување на новородено дете, издавање на уверение за државјанство и останати услуги за граѓаните.

Притоа, таа нагласи дека македонските државјани кои престојуваат подолго од 3 месеци надвор од Република Македонија, а се државјани и на земјата во која престојуваат, заедно со информативната брошура ќе добијат и картонче за пријавување престој надвор од Република Македонија подолг од 3 месеци.

- Пополнувањето на ова картонче по ниту еден основ не претставува отпуст од македонското државјанство, како што подолг период се шпекулираше во јавноста, туку напротив, нивно олеснување, бидејќи лицата кои го имаат пополнето ова картонче ќе можат при излез од земјава да го употребат пасошот на другата држава. Исклучиво со пополнување и прикажување на ова картонче на граничниот премин ќе можат непречено да заминат од Македонија со странска патна исправа, а во спротивно за излез од земјава ќе мораат да поседуваат македонска патна исправа. Картончето може да се побара на било кој граничен премин или во било која полициска станица на територијата на Република Македонија, информираше Јанкулоска.

Таа апелираше лицата кои престојуваат во Република Македонија за сите дополнителни информации да се обратат во најблиската полициска станица или на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи на која можат по електронски пат да го пријават своето престојувалиште во Македонија, но и по електронски пат да пријават евентуалното незадоволство од односот и работата на полицискиот службеник кој постапил несоодветно со нив.

Брошурите и плакатите се изготвени на македонски и на англиски јазик и ќе бидат дистрибуирани на сите гранични премини, во дипломатско конзуларните претставништва на земјава, како и до македонските организации ширум светот.