Заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски присуствуваше на 23 состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите, која се одржува во Охрид.
“Преку споделување на највисоките европски и светски стандарди во справувањето со болеста африканска чума кај свињите, сите вклучени во системот за борба против оваа болест, ќе размениме искуства и стекнеме нови знаења и практики за справување со неа. Упатувам апел до сите нас, да продолжиме заедно да се бориме, да вложиме максимални напори да ја ставиме болеста под контрола и да ја искорениме, во интерес на бизнисот, економијата на државите и граѓаните како потрошувачи”. Ова пораката која директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов, ја упати на почетокот на состанокот на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите.
На состанокот учествуваат високи претставници на Европската Комисија (ЕК), Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО, Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), реномирани експерти за болеста африканска чума кај свињите и претставници од ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија,Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија.
Во рамки на дводневниот состанок, презентирана ќе биде актуелната состојба со болеста во Европа и регионот, мерките кои се преземаат за нејзино ставање под контрола и искоренување, меѓудржавната соработка на надлежните ветеринарни служби, лабораториите, и експертите како и активностите кои се реализираат во рамки на регионалниот проект „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан - 2“, кој е финансиран од Европската унија.