„Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,
Отчетноста и транспарентноста се фундаментални принципи на модерните демократии.
Тие се основата врз која граѓаните ги градат своите очекувања од својата влада и се механизмите преку кои се одржува довербата во институциите.
Во овие први 100 дена од изборот на новата влада, бевме соочени со реалноста и тешкотиите што ги наследивме. Долговите и злоупотребите од претходната власт оставија траги кои лесно не се надминуваат.
Наследената состојба беше многу полоша отколку што било кој очекуваше. Состојбите се далеку од идеални.
Наследивме 20 милиони евра дупка во образованието и колапс на проектот за бесплатни учебници. Наследена банкротирана држава и безредија, закочена изградба на автопатиштата, 4 милијарди денари долг кон земјоделците, 150 милиони евра долгови во здравството, 80 милиони евра дупка во ЕСМ, заостанати плати кои не беа исплатени во Македонски шуми и водостопанство.
Наследивме потрошен годишен буџет за само 6 месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600 илјади кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горчливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме работите и да излеземе на вистинскиот пат. Нашата решителност да создадеме подобро и повеќе за тебе е поголема од било кога.
Првите 100 дена не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни: каде сме и каде треба да одиме и што е потребно да направиме за да стигнеме таму. Но, најважно покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас. Колку повеќе знаеме дека состојбата е пооптоварувачка отколку што очекуваме, нашата решителност станува поцврста.
Денешната цел е недвосмислена: 100 проценти посветеност кон реализација на проектите и исполнување на ветувањата. Овие 100 дена не беа лесни, но беа само почеток.
Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика.
Подготвуваме и екипираме институции, договараме инвестиции кои се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места. Работевме и подготвуваме стотици нови проекти. Се грижиме за сите. За најмладите, за нивното образование и за старите со првата половина од зголемувањето на пензиите и други нови проекти што ги планираме. Не ги забораваме ниту земјоделците, ниту работниците, ниту наставниците, професорите, лекарите. Обезбедивме за прв пат бесплатни учебници за сите на време, после долго време. За пасоши и лични документи нема редици, покачивме пензии, исплативме долгови и заостанати плати.
Секој ден се обидуваме да покажеме дека делуваме, дека сме присутни со активностите, но и да донесеме по некоја нова мерка и се обидуваме да се подобриме, да покажеме дека може поинаку и може подобро; и ние и вие заедно, со поддршка на општините се трудиме да покажеме, да ја развиваме државата и да обезбедуваме проекти кои ќе подобрат нешто и сето тоа го изодуваме секој ден за некого можеби мал, но сепак одлучен чекор, носиме некоја реформа, свесни дека очекувањата се големи и дека граѓаните сакаат брзи резултати.
За 100 дена реализиравме, донесовме или отпочнавме повеќе од 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.
За само 100 дена со 100 ПРОЦЕНТИ ПОСВЕТЕНА РАБОТА ОВОЗМОЖИВМЕ -
- Повисоки пензии преку линеарно покачување на пензиите на над 330.000 пензионери! Денеска веќе ја добија првата половина од линеарно зголемување, пензионерите од 2.500 денари, а втората половина линеарно зголемување ќе биде практично за мартовската пензија следната година, којашто ќе се исплати на почетокот на месец април 2025 година и со тоа ветувањето за 5.000 денари линеарно зголемување на пензиите е исполнето порано од тоа што беше ветувано за време на кампањата дека ќе се случи во првата година од мандатот, што значи дека во првите девет месеци од мандатот ќе биде тоа реализирано.
- Историски највеќе, 15 милијарди денари за капитални инвестиции за општините! Можам да кажам дека во овој последен квартал од годината ќе бидат инвестирани повеќе од 5 милијарди, близу 6 милијарди со програмите во поединечните министерства, денари. Тоа е отприлика околу 100-тина милиони евра, а можам да кажам дека за буџетот од следната година, веќе ќе бидат предвидени околу 15 милијарди денари или 250 милиони евра. Во овој прв повик, којшто го објави Министерството за локална самоуправа, пристигнати се 357 проекти од 80 општини за јавниот повик и многу бргу од денеска очекувам веќе до крајот на неделата сите тие да бидат дефинирани и да почне потпишувањето на договорите со ресорните министерства и реализацијата на овие проекти.
- Поевтини лекови преку проширување на позитивната листа со 9 генерици или вкупно 87 лекови! После повеќе од една деценија за прв пат имаме проширување на позитивната листа со што се намалуваат трошоците за пациентите, а се зголемува грижата за нив со поквалитетни лекови коишто овој пат ќе се најдат на позитивната листа, нешто што повеќе од деценија не се случуваше. И продолжуваме, на една од прес-конференциите со министерот Таравари овдека во оваа просторија најавивме дека и во месеците коишто доаѓаат ќе имаме исто така дополнително проширување на оваа позитивна листа во одредени периоди од годината.
- Донесовме како Влада одлука за вработување на 600 лекари, односно нови специјализанти, коишто ќе им биде понудена работа и веќе им се нуди работа во јавните установи ширум државата!
- За 100 дена 4 странски инвестиции во износ од повеќе од 600 милиони евра, коишто ќе значат нови 1.600 вработувања!
- Една од тие инвестиции, многу значајна, посебно за нашиот енергетски систем, а тоа е инвестицијата на „Aлказар Енерџи“, во вредност од половина милијарда долари американски, којашто ја најавивме на 25 јуни, тоа беше вториот ден од работа на оваа Влада и очекуваме веќе на 25 јуни следната година да биде поставен камен темелникот и да отпочне и физички градбата на оваа инвестиција, многу значајна од два суштински аспекти. Првиот е затоа што е чекот кон енергетска сувереност и намалување на увозот на електрична енергија. Целта на оваа Влада е веќе во 2026-та билансот, што се однесува на увоз и извоз на електричната енергија да биде еднаков на нула. Нешто што претставува историска цел, имајќи предвид дека сме увозно зависна држава. И второто е од 1.1.2026 почнува примената на карбон трејд механизмот, што значи тоа, тоа значи дека сите компании коишто од кај нас извезуваат во рамките на Европската Унија, мора да покажат дека производите коишто ги произведуваат се произведени со користење на зелена обновлива енергија. Ова е уште еден чекор кон реализирање и исполнување и на таа цел, со што нашите производи, нашите компании ќе ги направи уште поконкурентни, односно, нема да плаќаат дополнителни даноци.
- Тука исто така би ги потенцирал и германско-белгиска инвестиција „Епсотех Аим“, којшто инвестира во развојно истражувачки центар, алерт центар во индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец. Вредноста е околу 20 милиони евра и нови 110 вработувања. Се сеќавате тогаш кога ја објавивме оваа инвестиција, поранешни членови на претходната влада на СДСМ и ДУИ рекоа дека тие ја подготвувале таа инвестиција, еве да не останеме должни, јас ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите оние коишто учествувале во подготовката на овие инвестиции. Жалам што во изминатите седум години не успеале да ја завршат таа инвестиција и се радувам што за помалку од еден месец ние успевме да ги довршиме сите тие преговори, да ги завршиме успешно и оваа инвестиција наскоро од денеска ќе биде реализирана, односно ќе биде поставен камен-темелникот со кое што ќе имаме нови 20 милиони евра во грин филд инвестиции и околу 110 нови вработувања.
- Потоа ако се сеќавате за време на посетата на Соединетите Американски Држави, кога беше НАТО самитот најавивме со раководството на „Вабтек“ инвестиција во вредност од 35 милиони евра и нови 100 вработувања.
- Исто така, пред некоја недела ја најавивме, односно ја отпочнавме, односно да бидам попрецизен, беше поставен камен-темелникот на нова инвестиција на германската компанија „BMZ Group“ за производство на литиум јонски батерии во вредност од 65 милиони евра и отворање нови 700 вработувања! Само колку за илустрација, бидејќи и за оваа инвестиција, исто така потрчаа од претходната влада да кажат дека тие биле тие коишто ја донеле, ја подготвиле, ја завршиле, а ние само сме се сликале, вчера имав состанок, веднаш по завршување на состанокот со Синдикатот за образование, со Министерот за економија и труд г-динот Бесар Дурмиши и разговаравме за тоа колкава помош треба да се додели и како треба да се додели за да оваа инвестиција заживее, бидејќи нели тие се завршиле, а во суштина ништо не завршиле. Тоа сакам да потенцирам дека вчера заедно со министерот Дурмиши практично ја утврдивме висината на помошта, која согласно правилник, тие ќе ја добијат и којашто им следува. Така што, тоа што се нивни празни зборови, нека останат да говорат само за нив, а ние продолжуваме со засукани ракави да работиме за доброто на сите граѓани.
- Обезбедени средства за исплата на К 15 за над 84 илјади вработени во вредност од 11 илјади денари, коишто не беа предвидени во Буџетот, а се предвидени сега со ребалансот на Буџетот.
- Потоа, исплатени се повеќе од 1,2 милијарда денари за заостанати субвенции од минатото и во годината којашто следи продолжуваме да ги враќаме и заостанатите и тековно да ги исплаќаме тие коишто се доспеани во тековната година.
- потоа, исплатени се заостанатите плати во износ од половина милијарда денари, меѓу нив би ги издвоил Национални шуми и АД Водостопанство, каде што работат повеќе од 3.000 вработени. Тамо знаете, тие веќе со месеци не земаа плати до формирањето на новата влада, четири месеци не беа исплатени нивните плати. Но, со ребалансот на Буџетот беа обезбедени средства и тие плати се веќе сервисирани.
- Исплатен е долг од 2 милијарди денари, имавме прес-конференција со директорот, со заменикот, со останатите официјални лица од Фондот за здравство, претходната недела и со големо задоволство можам да кажам дека од наследениот долг од 5 милијарди денари, веќе во периодот којшто следи, поради добрата организираност, поради тоа што имаме прегрупирање во ребалансот се обезбедени 2 милијарди денари, со коишто дел од старите долгови ќе бидат вратени. И ова се случува после повеќе од една деценија, за прв пат во Фондот за здравствено осигурување. Целта е да веќе во следната фискална година, целосно биде вратен овој долг.
- После 7 години, ќе повторам, се обезбедени бесплатни учебници за сите на време! Не беше како тоа што беше изминатите 7 години.
- Започнавме со Министерството за економија и труд една акција, којашто можеме да сведочиме дека е поздравена позитивно од страна на граѓаните, а тоа е „Помалку трошоци – повеќе за сите“ со којшто се намалени цените и маржите за неколку производи, потоа за училишен прибор, нешто коешто беше многу важно за семејствата.
- Понатаму ќе ве потсетам ги поевтинивме катастарските услуги, тоа што го поскапи претходната влада на СДСМ и ДУИ, оваа Влада го намали драматично. Тоа значи дека до милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните!
- Рекордно највисока откупна цена за сортите грозје Вранец и Смедеревка!
- Двојно повисоки субвенции за хектар јачмен од 6.000 денари на 12.000 денари!
- Во месец јули имаме споредено со месец јули 2023 година драматично повисока наплата на патарините на автопатите. Тоа е некаде отприлика околу 30%.
- Исто така тука би ја издвоил и работата на Царинската управа и Управата за јавни приходи. Царинската управа во месец јули постигна рекорд, за прв пат од постоењето имаме над 12 милијарди денари наплата, и тоа беше отприлика за повеќе од 30% споредено со јули месец 2023 година, во месец август отприлика исто како во 2023 но, со два помалку работни дена. А денеска, штотуку ја добив информацијата дека во месец септември имаме повеќе за 10% наплата на Царинската управа споредено со септември 2023 година. Слично се случува и во Управата за јавни приходи. Тамо во месец јули имаме рекордни 40% поголема наплата на даноците споредено со јули 2023 година. Во месец август е 15 и 17 проценти, за да овој месец веќе имаме повеќе од 23%, месец септември споредено со месец септември 2023 година.
- Издавањето на пасоши и лични карти, нешто што претставуваше понижување и беше надвор од човечкото достоинство, денеска е регулирано и е во рамките на законски утврдениот рок. Можам да кажам дека тоа што некогаш претставуваше предизвик, денеска претставува рутинска работа, што и треба да претставува, не треба тоа да претставува предизвик, но за жал во минатото тоа беше огромен предизвик.
- 20 милиони евра за реконструкција на студентските домови!
- Отпочната процедура за влез на нов трет мобилен оператор за пониски цени на услуги!
- Одлука за формирање на Совет за управување со јавни финансии!
- 200.000 нови патници во Македонија со новата финансиска поддршка за нови авио дестинации!
- Се сеќавате дека со ребалансот не нападнаа дека платите немало да растат. Државниот завод за статистика ги демантираше во јули месец платите продолжија и продолжија да растат засилено, но разликата споредено со времето на владата на СДСМ и ДУИ е тоа што овој пат инфлацијата не е повеќе од 20%, туку сега инфлацијата е најниска во регионот и една од најниските во Европа, односно само 2,2%. И продолжуваме со мерките и со политиките за интервенираме за истата да се намалува во периодот којшто следи.
- Индустриското производство после неколкумесечен пад конечно почна да расте во месец јули, од 3,8 проценти. Исто така и преработувачката индустрија, со истата динамика растеше во месец јули од 3,8 проценти. Продолжи преработувачката индустрија да расте и во месец август иако беше би рекол предизвикувачки месец со 1,1 процент. Иако за жал поради реформите коишто ги правиме во ЕСМ, вкупното индустриско производство во месец август е на 1,6 проценти во минус или јули и август ако се земе некој просек е 1,1 повеќе, додека пак вториот квартал месеците април, мај и јуни индустриското производство има просечен пад од 7 проценти. Падот што е во вториот квартал е 7 проценти, во третиот квартал е раст од 1,1 процент или во нето плус 8,8 проценти.
- Понатаму, откако беше констатирано незаконско работење на компании коишто приредуваат игри на среќа беа одземени лиценци за работа и приредување на игри на среќа, нешто коешто беше исто така предизборно ветување.
- Борбата против корупцијата продолжува. Имаме неколку случаи коишто пресумпција на невиност и поради тајност на постапката во овој момент нема да ги коментирам.
Понатаму се инвестирани многу проекти во делот на локалната самоуправа. Ќе издвојам некои од нив.
Тука е детската нова градинка во Општина Бутел. Потоа спортската сала во Општина Охрид, влезот во Битола, потоа имаме градинка детска во Трубарево Гази Баба, основно училиште во Кисела Вода. Потоа имаме нова детска градинка „Срничка“. Потоа имаме реновирано Одделение за дигестивна хирургија, нова апаратура во вредност од милион евра за Дигестивната хирургија. Нов пазар во Неготино, спортска сала Огњанци Петровец, доградба на градинка „Гоце Делчев“ Илинден, рекреативен центар во Бутел.
Понатаму, средства обезбедени за неколку проекти во рамките на потребите на општините, нешто што претставуваше цел и предизборно ветување.
И уште многу многу други проекти, во интерес на времето јас нема да ги повторувам сите. Но, во периодот којшто треба, ресорните министерства ќе си ги презентираат преку вакви слични прес-конференции.
Драги пријатели,
Сакам да се осврнам и на забелешките, не е само да ја констатираме состојбата и да се фалиме, туку треба и да се осврнеме и на забелешките кои ни беа давани овие стотина дена.
Во овие 100 дена сигурно секој граѓанин стекнал свое мислење за состојбите и работите коишто се случуваа, како и за перформансот на Владата. Секогаш има простор се разбира за подобрување, како што секогаш ќе има поедини критики за тоа што може да биде подобро и каде работите не одат со посакуваниот тек и динамика. Јас ги слушам тие критики, и размислувам, заедно со моите колеги од Владата, како да се подобруваме. Секако идеално не може да е се, но ако секој од нас се обиде да увиди каде погрешил, и преку некоја критика се подобри, тогаш ние ќе ја исполниме целта и ќе бидеме одговорна влада којашто не престанува да го слуша гласот на народот. Пристојноста мора да е една од нашите клучни одлики. А пристојноста доаѓа од понизноста, кога владата која го слуша својот народот, работи за него и е практично слуга на народот.
Во интерес на ова би сакал да издвојам неколку крупни теми коишто во периодот којшто следи беа своевидна критика. Не би сакала да ги тука споменувам одредени гафови коишто се природна работа се додека тие гафови не предизвикуваат катастрофални грешки. Нормално е дека човек којшто работи, понекогаш знае и да погреши. И тука не треба да се земе за зло доколку се коригираме, доколку се исправиме и доколку ги слушаме критиките и врз основа на тие критики реагираме. Лошото е ако имаме мислење и чувство за себе дека се знаеме и дека гласот на јавноста, гласот на народот воопшто не е важен. Тогаш грешиме. Но, ние мислам како влада во изминатиот период, да направивме по некоја грешка, ниту една не беше катастрофална, но секогаш без исклучок се коригиравме и секогаш без исклучок реагиравме онака навремено како што доликува на една народна влада, слушајќи го гласот на народот и слушајќи ве вас медиумите.
Според други пак, исто така, има критики коишто велат дека именувањето на кадри било бавно, на моменти било пропратено со некои кадровски одлуки кои внеле сомнеж, кои морам да кажам дека после реакцијата на јавноста и на медиумите, дел од нив беа објективни и откако ја констатиравме објективноста и ја увидовме грешката тогаш промптно реагиравме и веднаш беа поставени кадри коишто соодветствуваат и коишто очекувам да одговорат онака како што треба да одговорат и како што народот очекува од нив. Исто така сакам да кажам дека не можеме да зборуваме за брзина на именување или разрешување на кадри според очекувањата или според неочекувањата затоа што многу пати во јавноста во минатото имаше критика дека пак многу брзо се партизирале институциите, многу бргу се именувале партиски кадри, се менувале професионалци и така натаму. И апсолутно се сложувам со тоа, затоа што не секогаш можеби треба да реагирате многу бргу за да покажете еве некаква силина или пак кои сте вие во суштина и дека се што било претходно не чинело, сега од вас светот започнува и работите треба да се менуваат од самиот почеток.
Покажавме како Влада дека се што било добро од претходната влада за коешто сме оцениле дека е добро иако морам да кажа дека има многу малку такви работи, ние сме го продолжиле. Еве ќе се навратам на почетокот од оваа прес-конференција кога зборувавме за странските инвестиции, коишто започнале во минатата влада и природно е да има еден процес една методологија на разработка на истите. Жалам што тие не успеале да ги реализираат и што ние како влада успеавме да ги реализираме и конечно тие ќе видат светло на денот.
Затоа сакам да кажам дека трпението мора да е сеприсутно околу нас, понекогаш можеби и ние самите немаме доволно трпение, но оној што е трпелив тој во себе има и мудрост и мудро ги влече тие работи. Не треба да избрзуваме и да грешиме и да правиме три чекори напред, па потоа пет назад. Подобро да направиме половина чекор напред но сигурен чекор, без да се враќаме назад.
Но, она што мене ме прави горд и задоволен од овие први 100 дена е сите оние коишто ја добија шансата до сега во најголем дел ја исполнија дадената можност без разлика од која политичка партија да доаѓаат од коалицијата којашто ја предводи Владата. А ќе ве потсетам дека ова е коалиција, којашто има речици двотретинско мнозинство. Не е ова коалиција којашто се бори за својата стабилност и прашање дали денеска или утре го изгуби мнозинството во Парламентот, јас зборувам за коалиција којашто има близу двотретинско мнозинство. Така што, таа хармонија и оној пријателски дух и колегијален којшто владее во коалицијата на моменти е нормално да постојат и различни мислења. Тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања. А кои се стратешките прашања? Стратешките прашања се интересот на граѓаните и интересот на народот, затоа што интересот на народот е оној којшто ние треба да го исполниме, бидејќи народот е тој којшто е би рекол заслужен затоа што сме ние овде денеска пред вас. Затоа што ние денеска можеме да кажеме дека имаме успешни 100 дена позади нас, можеби можеше да бидат и уште поуспешни, но апсолутно кога некој би ме прашал дали сум задоволен би кажал дека сум 100 процентно задоволен од секој еден којшто ја доби шансата во овие 100 дена.
Има и такви коишто велат дека ВМРО-ДПМНЕ премногу отстапи на коалиционите партнери од коалицијата ВРЕДИ или пак од политичката партија ЗНАМ. Има и такви во опозицијата коишто велат дека ВМРО-ДПМНЕ ги понижи своите коалициони партнери, дека помалку им дата и така натаму. Јас ги слушам сите тие гласови коишто доаѓаат од очајната опозиција, којашто едната се бори да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена бидејќи немаат што друго да понудат. И они мислат дека ако испраќаат такви пораки дека на тој начин ќе внесат раздор, ќе внесат клин, ќе внесат недоверба во рамките на оваа коалиција. Можам да ги разочарам и да им кажам дека не само што не се успешни, туку таквото нивно однесување го зајакнува нашиот заеднички дух и во таа насока продолжуваме и понатаму да ја градиме Македонија бидејќи тоа е кое она што го имаме и тоа е нашата заедничка татковина во која што ние тука сме се родиле заедно, тука го минуваме нашиот живот, тука сме се радувале, тука сме тагувале, и најверојатно тука еден ден ќе го завршиме овој наш земски живот. И вреди да се бори и вреди да се бориме заедно и не смееме да ја изневериме довербата од граѓаните и гласачите којашто ни ја дадоа и не смееме да се вртиме кон овие политичари коишто поминаа децении во македонската политика, а ќе останат запаметени по две работи, многу корупција, како ги ограбуваа граѓаните и многу предавства на сметка на личните интереси.
Јас понатаму нема да навлегувам во тоа зошто Демократската унија за интеграција во изминативе 21 година не успеа да ги постигне стратешките цели, но затоа успеа да постигне една цел, а тоа е повеќе од 100 илјади раселени Албанци од Македонија. Нема да навлегувам зошто СДСМ на лага се обидуваше да ја задржи својата власт изминативе 7 години и зошто денеска СДСМ се бори да опстане на политичката сцена. Но, имам да им порачам и на едните и на другите, како одговорна Влада, влада којашто е одбрана од народот, влада во која што како мнозински партнер е коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДМПНЕ, движењето ВРЕДИ и политичката парија ЗНАМ имаме потреба од силна и конструктивна опозиција со којашто ќе се натпреваруваме за проекти, ќе се натпреваруваме за реформи, за политики коишто ќе не развиваат како држава и ќе донесат подобар стандард за нашите граѓани.
Секоја тема којашто за жал ги злоупотребува чувствата на граѓаните, секоја тема којашто поларизира и внесува раздор не може да не обедини. А оваа Влада сака да обединува и затоа е Влада којашто има речиси двотретинска поддршка во македонскиот Парламент и повеќе од 600 илјади гласа освоени на изборите на 8 мај.
Ќе продолжам понатаму уште со две теми кои што можеби беа исто така дел од јавните критики кон оваа влада.
Првата е одвојувањето од Албанија во евроинтегративните процеси и обидот на опозицијата да ја префрли вината кон оваа Влада. Можам да кажам и да ја уверам македонската јавност за две работи, првата да веруваат дека оваа влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, нема да направи ништо спротивно на националните интереси и стратешки правци на граѓаните. Нема никогаш да направи ниту една отстапка којашто ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани, без разлика дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошнаци или останати. Вие сте оние на коишто им го должиме сето ова коешто денеска го претставуваме. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе функционираме како ваши слуги и немаме никогаш намера да отстапиме од идејата, да отстапиме од борбата затоа што се додека ја имаме вашата поддршка и вие сте нашата инспирација ние ќе бидеме од ден на ден подобри.
И втората работа којашто исто така сакам да ја кажам, односно втората моја порака, дека никогаш како влада нема да отстапиме од реализирање на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија. И ако треба ќе разговараме со било кого и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис којшто е достоен, којшто нема да ги повторно повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите народи коишто живеат заедно со македонскиот народ. Бидете сигурни дека и двете овие стратешки цели можат да се реализираат, едната со другата не се во конфликт и двете можат заедно паралелно да се реализираат. И да се заштити интересот на македонските граѓани но, исто така и да се интегрираме во рамките на Европската Унија, онаму каде што многу од порано ни е местото. Но, поради причини коишто и се познати на македонската јавност, ние во овој момент не сме тамо. Ќе работиме колку и да е потребно довербата која што ја добивме од вас да ја оправдаме.
Последната работа којашто исто така сакам да ја споменам денеска, а којашто како забелешка ја слушав изминативе 100 дена, тоа беше борбата против корупцијата. Борбата против корупцијата е една од можеби најголемите забелешки којашто ја слушаме изминативе денови, односно критиката се однесува зошто сеуште не започнала одлучна борба против корупцијата. Односно накусо, зошто не апсиме. Нити како човек, нити како универзитетски професор, ниту како политичар нема да дозволам од тоа да правам естрада. Ниту имам намера како човек, преку својата позиција и злоупотребите на институциите коишто се дел од македонската Влада, да манифестирам сила, моќ и реваншизам. Тоа никогаш нема да се случи, затоа што еднашка мора засекогаш да престане тој начин на однесување. Човечки е да се простува, но исто така потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но, има институции каде што се водат тие процеси, има закон, има устав пред кои тие коишто сториле криминал треба да одговараат, без разлика дали се тоа политички криминалци, бизнис криминалци или некој друг вид на криминалци коишто можеме да ги сретнеме сеуште на улиците низ државата. Затоа ве молам да бидете трпеливи, процесот е тежок, затоа што имаме партиски октруирано и заробено обвинителство и судство и тоа не мислам за сите обвинители и судии. Зборувам за една мала група на обвинители и судии коишто се партиски послушници и коишто го контаминираат нашиот правосуден систем. И затоа тргнавме уште веднаш на почетокот во делот на реформи во правосудството. И затоа уште на почетокот дадовме рок дека до крајот на септември чекаме предлози од оние коишто излегоа со критика. Еве ја користам оваа прилика на македонската јавност да и соопштам дека вчера измина тој рок 30 септември. Можам да ви кажам дека ниту еден предлог официјален не стигна до нас. Сите оние коишто критикуваа, сите оние коишто велеа дека ние сакаме да правиме чистка во правосудството и повторна партизација само овој пат да ги смениме улогите, наместо едните и другите, наместо СДСМ и ДУИ, да бидат ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, ги нема. Ги нема, еве 30 септември помина, ниту еден предлог, ниту една понуда не стигна. Е затоа денеска ние почнуваме да го развиваме нашиот систем, нашата методологија и започнуваат реформите во македонскиот правосуден систем, затоа што Македонија и граѓаните немаат повеќе простор за чекање. Јас жалам и сум разочаран што тоа се случи, што не добивме ниту еден конкретен предлог како треба да се одвива реформата во нашиот правосуден систем и како од 2% доверба кај граѓаните да пораснеме барем на 10, еве во првата година, барем на 10%. Жалам што тоа ни се случува и жалам што толкави огромни плати поединци на грбот на граѓаните добиваат, а за жал работата којашто ја испорачуваат е мала или би рекол никаква, односно мизерна. Затоа започнуваме со реформите и во периодот којшто следи повеќе нема запирање. Во делот на реформите во правосудството, борбата со криминалот и корупцијата продолжуваат, голем дел од случаевите се веќе разоткриени, голем дел од случаевите се веќе на виделина на јавноста, за прв пат во независна држава имаме врховен судија којшто е фатен со мито во рацете. Имаме поранешен претседател на Советот на јавни обвинители којшто е соучесник во тоа, поранешни пратеници, актуелни пратеници, директори, бизнисмени, огромни скандали. Можеби нашата грешка беше што не правевме спектакл и естрада од сето тоа, но така се одлучивме мислејќи дека сакаме приватноста пред сѐ на семејствата, но и презумцијата на невиност да ги испочитуваме пред било што да правиме. Не смееме да ги осудуваме луѓето пред да бидат вистински осудени. Мора да се стави крај на таа пракса кога специјалци, специјални едници влегуваа во домовите на пратеници, пред очиглед на малолетни деца како малтретираа пртеници си изживуваа врз нив и врз нивните семејства, зошто за да биде задоволена суетата на некои политички моќници и дека еве сега се тие не знам што, па тие можат да прават не знам што со институциите. Нема потреба од тоа, мора да сме на земја, тивко, подобро половина чекор напред, отколку три напред, два назад и верувајте тоа веќе се чувствува.
Драги пријатели,
Одговорноста е на највисоко ниво, и ние сме целосно свесни дека очекувањата не смеат да се изневерат.
Граѓаните очекуваат дела, а не само зборови.
Затоа, нашата посветеност и напорна работа ќе продолжат со уште поголема енергија и одлучност.
Следуваат многу повеќе проекти, мерки и реформи за кои ќе работиме со целата наша енергија, со целото наше срце. Следуваат нови инвестиции, ценовни намалувања, одлуки за инвестиции, но и мерки за младите, и можам да кажам дека даноците ќе се намалуваат. Во наредните 4 недели очекувајте одлука за дополнително намалување на даноците со што ќе станеме држава со најниски даноци во Европа.
Продолжуваме да градиме мостови со соседите, добрососедската политика е тоа коешто треба да биде одлука на граѓаните.
100 проценти посветени за твоето семејство, за државата, за тебе!
Македонија повторно ќе стане твоја и ние сме тука да го обезбедиме тоа. Резултатите ќе бидат видливи и сите ние заедно ќе се гордееме со нив. Ти благодариме што си дел од оваа промена и за твоето разбирање. Со заедничка посветеност и меѓусебна поддршка ќе направивме Македонија повторно да биде твоја и повторно да биде успешна“.