Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ, на прашање за повикот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за информирање на планот за надминување на проблемот со Бугарија истакна дека кога ќе има нови детали опозицијата ќе биде информирана, оваа влада нема да ја повтори грешката на СДСМ кога беа на власт и сами го тераа процесот без да информираат и без да се консултираат со опозицијата.
- Не ја повторуваме истата грешка и нема да ја повториме. Кога ќе има нешто за кое би требало да биде информирана опозицијата, тогаш верувајте веднаш ќе ги информираме. Односно да има напредок за да може да го споделиме со опозицијата. Во моментов се е на позиционирање и поставување на играта и нема поместување, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека ова што го зборува јавно би им го кажал и на нив, а разликата од тоа кога СДСМ беа на власт е суштински различна.
- Пред да се прифати т.н. Француски предлог ние имавме два месеци прес конференција во која повикавме на вклучување на опозицијата, затоа што имавме информации дека се случува тоа и тоа. Повикавме немојте, ќе направите грешка, тие рекоа дека не ги интересира, сами ќе си го тераме процесот. И видовме до каде го дотераа. Првиот момент кога ќе има поместување ќе ги информираме, лично ќе го повикам и него ќе повикам и лидерска средна со сите други и ќе ги запознам со напредокот или можното решение, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека додека е премиер никогаш нема да влезе во процес клучен за државата и иднината на граѓаните во кој опозицијата и другите политички партии нема да бидат запознаени.