Груевски:Изградбата на фабриката на „Кромберг и Шуберт“ најголема „гринфилд“ инвестиција во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска престојуваше во битолската индустриска зона „Жабени“ каде заедно со своите домаќини, градоначалникот Владимир Талески и Мартин Пасерн член на УО на „Кроберг и Шуберт“, ставија камен темелник новата фабрика на светски познатата германска компанија за производство на автомобилска опрема.

На свеченоста во Битола, придружуван од министрите Владимир Пешевски, Веле Самак и Иво Иавановски, премиерот Груевски посочи дека презентацијата на добрите инвестициски поволности на Република Македонија, добрите економски политики и добрата бизнис клима во државата, продолжуваат да ги даваат очекуваните резултати.

- Светскиот гигант „Кромберг и Шуберт“, повеќе од 100 години е во автомобилската индустрија и е присутен во повеќе од 30 држави во светот. Контактите со германската фирма се одвиваа пет години, големата светска криза времено ја одложи инвестицијата, но минатата година инвеститорот донесе одлука и во конкуренција на повеќе држави ја одбра Македонија како земја во која ќе го прошири своето производство, истакна премиерот Груевски.

Најголемата „гринфилд“ инвестиција во поновата историја на Република Македонија се проценува на 20 милиони евра и се очекува во фабриката на „Кромберг и Шуберт“ да бидат вработени околу 2.500 лица.

- Новата инвестиција се проценува на над 20 милиони евра и она што за нас е од голема важност, во новата фабрика планирано е да се вработат околу 2.500 луѓе. Со тоа ова ќе биде најголемата гринфилд инвестиција по бројот на вработувањата во поновата историја на Република Македонија. Она што исто така е важно, е тоа што овој камен темелник е камен темеленик на нова и посветла иднина на целиот овој регион од државата, посочи премиерот Груевски.

Според него, во фабриката за производство на автомобилска опрема свое враборување ќе може да најдат многу луѓе кои порано работеле во индустријата во Битола, Прилеп, Ресен но и сите околни општини во Пелагонискиот регион, посебно лицата со завршено средно образование. Битола и пелагонискиот регион врти нов лист од својата историја, лист во кој верувам ќе бидат запишани многу убави нешта, посочи Груевски.

- Почетокот на изградбата на оваа фабрика само го продолжува инвестицискиот бран кој е започнат во Република Македонија и ги подобрува оценките за државата во очите на многу заинтересирани инвеститори во многу држави од светот. Со влегувањето на „Кромберг и Шуберт“ во Македонија директно се зајакнуваат и нашите економски релации со Германија, која не само што е број 1 наш трговски партнер, туку и најважен партнер со нето трговски суфицит во време на криза низ Европа. Со оваа инвестиција Македонија го продолжува веќе стекнатото партнерство со Германија на ниво на заслужена економска релација, истакна премиерот Груевски на денешната свеченост во индустриската зона „Жабени“ крај Битола.

Премиерот и владиниот тим и во Битола потврдија дека ќе продолжат со презентација на инвестициските поволности на Македонија во многу држави низ светот, затоа што ефектите од преземените активности се видливи на долг рок.

- Ние како Влада продолжуваме со презентација на инвестициските поволности на Македонија во многу земји од светот. Само во изминатите неколку месеци, бевме на бизнис форуми и презентација на инвестиционите можности во Македонија во повеќе земји од светот, меѓу кои Турција, Кина, Индија, Катар, Финска, Шведска, Данска, Русија и повеќе други места во светот. Има голем број заинтересирани инвеститори, чии што намери во најдобро светло ќе се покажат во следните неолку години. До тогаш, продолжува нашиот партнерски однос со сите фирми и инвеститори кои веќе работат и функционираат во Македонија, а на наше задоволство меѓу нив е и германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“, истакна премиерот Груевски.

Според вицепремиерот Владимир Пешевски денеска е поставен камен темелник на најголемата инвестиција од аспект на број на вработувања од поновата македонска историја - 2,5 илјади вработувања, бројка која не е едноставна особено во време на европска криза, и е потврда дека сите напори и стратегијата на Владата за привлекување странски инвестиции вродува со плод. Потстеи дека времето, знаењето и напорот  потребно за една ваква инвестиција е навистина големо, а во нејзината реализација биле вклучени голем број министри и институции, оддавајќи признание на Веле Самак кој го започна првиот контакт со германската компанија.

- Она што е важно да се каже е дека внимаваме и на рамномерниот регионален развој. Станува збор за најголемата инвестиција која по бројот на вработувања е поголема од сите инвестиции кои треба да бидат во слободната економска зона во Скопје, посочи Пешевски и најави уште една инвестиција, со уште поголем број на вработувања, за која во скоро време  ќе биде поставен камен темелникот.

Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ светски познат производител на автомобилска опрема која ја користат познатите брендови Мерцедес, БМВ и АУДИ, во првата фаза ќе вработи околу 400 лица, а вкупниот број на директно вработени се очекува да достигне околу 2.500 но и други индиректно ангажирани лица и фирми.
 
- Оваа инвестиција, освен нови вработувања ќе овозможи и околу 100 милиони евра годишен извоз. Во местата каде „Кромберг и Шуберт“ инвестираат тие градови доживуваат голем раст и подобрување на својот развој. Нам ни е потребен нов капитал и инвестиции, а на Германија и треба трајна продуктивност, посочи во своето обраќање министерот за странски инвестиции Самак.
 
На свеченост крај Битола во присуство на бројни гости од државата и странство членот на управниот одбор на „Кронберг и Шуберт“ Мартин Пасерн потсети дека германската компанија негува традиција долга повеќе од еден век и дека од првиот момент и со воспоставувањето на првичните контакти не се сомневале дека ќе донесат позитивна одлука за инвестирање во Република Македонија.
 
- Баравме погодно место за инвестирање и затоа дојдовме во Македонија. Разговаравме со министерот Самак, имавме отворени дискусии и констатиравме дека во Република Македонија има искрено тло-подлога за вакви инвестиции. Најдовме земјиште кое има инфрструктура, квалификувани кадри за остварување на нашите приоритети и се што треба да имаме на располагање. Сето тоа го најдовме во Битола, а за што поддршка добивме и од градоначалникот Талески, посочи Пасерн.
 
Со поставувањето на камен темелник на новата фабрика за автомобилска опрема на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, општина Битола очекува да продолжи трендот и интересот на странски инвеститори во индустриската зона „Жабени“ бидејќи како што нагласи градоначалникот Талески досега се продадени 45 парцели на 26 инвеститори или вкупно 34 хектари, односно 60 отсто од предвиденото и урбанизирано земјиште за економски развој.