Средба на министерот Попоски со израелскиот амбасадор Коен

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими Давид Коен, амбасадор на Државата Израел за Република Македонија, со седиште во Ерусалим.

Како што соопшти МНР, на средбата беа разменети мислења за повеќе аспекти на билатералните односи меѓу двете земји. Во тој контекст, беше подвлечено значењето од остварувањето на посети на високо и највисоко ниво, јакнењето на економската соработка и трговската размена, привлекувањето израелски инвестиции, како и соработката во меѓународните организации.

- Посебно беше потенцирана потребата за натамошно регулирање на правната рамка меѓу двете земји, преку што побрзо потпишување на договорите за заемна заштита на инвестициите и за одбегнување на двојното оданочување, со што ќе се отворат перспективи за натамошна продлабочена соработка на економски план меѓу Република Македонија и Државата Израел, се вели во соопштението.

Министерот Попоски ги споменал и динамичниот развој и соработката меѓу двете земји во областа на културата, образованието, науката и земјоделството, проследени со низа заеднички настани и проекти.

Покрај прашањата од доменот на билатералните односи, на средбата биле разменети и мислења за актуелните меѓународни прашања, особено во контекст на случувањата во регионот на Блискиот исток, стои во соопштението.