Македонија чекор напред во приклучувањето кон „Јужен поток“

Македонија од денеска e чекор напред во процесот на приклучување во гасоводот „Јужен поток“. Македонската страна во Русија ја доби нацрт-спогодбата меѓу владите на двете земји за соработка при изградба на гасоводна инфратруктура за испорака на гас во Македонија.

- Предавањето на  Нацрт-спогобдата е чекор напред во реализацијата на овој проект. Владата во најкраток можен рок ќе го разгледа текстот и ќе ја продолжиме процедурата на македонска страна во соработка со „Газпром“ и руската Влада, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, обраќајќи се на пленарната седница на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка што се одржува денеска во Нижни Новогород.

Приклучувањето на Македонија во „Јужен поток“ беше официјализирано при последната посета на владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски на Русија пред 10-тина дена. Договорот се очекува официјано да биде потпишан за неколку месеци. Плановите се градбата на „Јужен поток“ да почне во декември годинава во Русија во деловите каде ќе бидат изворите на гас и постепено до крајот на 2015 година да заврши комплетно. „Јужен поток“ кој има два крака, од Русија треба да поминува низ Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија и вториот преку Грција и Албанија до Италија. За Македонија ќе биде пуштен крак кој засега не е е утврдено дали ќе биде од Грција или од Србија. Приклучувањето на Македонија во овој проект е од интерес за гаѓаните и компаниие во Македонија, како и за ширење на пазарот на руската компанија.

Вицепремиерот Ставрески изрази уверување дека постојат и уште многу можности за развој на билатералните односи, посочувајќи дека правна рамка за соработка постои меѓу Македонија и Русија и оти сега треба да се овозможи што повеќе средби на компаниите од двете држави за меѓусебна соработка, преку повеќе бизнис средби. При тоа ја повтори поканата за руските компании од оваа област да ја посетат Македонија и да се сретнат со домашни компании.

Значајно, потенцира министерот, за унапредување на соработката и зголемување на инвестициите е воведувањето бесцарински третман за македонските производи согласно водените разговори меѓу преиерот Никола Груевски и претседателот Владимир Путин. 

- Ние трпеливо како Влада ќе продолжиме со иницијативите и напорите да се воведе бесцарински третман на македонски производи. Веруваме дека намалувањето на трошоците на компаниите преку укинување на царините е начин како да ги направиме поконкурентни и да се зголеми трговската соработка. На тој начин верувам дека поголем број руски компании ќе инвестираат во Македонија и обратно, бидејќи досегашните искуства се позитивни. Имаме руски компании кои се пристуни неколку години во Македонија како „Лукоил“, „Солвеи“, и верувам дека во блиска иднина ќе ги имаме и „Протек груп“, а веројатно и други инвестиции што ќе овозможи да се зголеми интензитетот на меѓусебната размена на стоки и услуги, истакна Ставрески.

За зголемување на соработката и размената, која во првите месеци од годината бележи пад, според заменик-министерот за регионален развој на Руската Федерација Максим Травников, ќе придонесат и проектите на кои се работи во моменот.

– Одржувањето на овие состаноци, присутните компании кои работат веќе во Македонија, потпишаните спогодби, а и потпишување на спогодби во иднина ќе придонесат кон развој на односите меѓу двете земји, рече Травников, додавајќи дека до крајот на годината очекува да се зголеми трговската размена на ниво од минатата година, а оптимизмот, како што посочи, го поткрепува со проектите што се работат.

Размената меѓу двете земји според Државниот завод за статистика на Македонија, во првите три месеци од годинава изнесува 167,4 милиони долари и е за 20,4 проценти помала од овој период лани.

Компании од градежниот сектор и други сектори од овој регион се заинтересирани за влез на македонскиот пазар, а дел и за проектот „Сончев град“ кој беше претставен за време на посетата на владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски. 

Во рамки на оваа 6. седница на Меѓувладината комисија вчера беше потпишан меморандум за соработка меѓу „Стројтрансгас“ и Македонски енергетски ресурси за изградба на гасоводниот систем во Македонија, односно магистралниот гасовод Клечовце-Штип-Неготино-Кавадарци, во вредност од 75 милиони долари од кои 60 милиони се обезбедени со наплата на клириншкиот долг на Руската Федерација, а 15 милиони се обезбедени од Владата на Република Македонија.