Тодоров: Од септември обуки на екипите за итна медицинска помош

Од септември почнуваат обуки на екипите за итна медицинска помош во Македонија за третман на пациенти со итни состојби од кардиоваскуларна и од трауматска природа, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров на промоција на проектот кој ќе придонесе за унапредување и пред се за унифицирање на работата на итните медицински служби во државата.
 
- Со обуките ќе бидат опфатени сите екипи на итна медицинска помош во здравствените домови (26), како и екипите кои работат во ургентните служби во општите болници низ Републиката (17). Првично, обуките ќе се фокусираат на новите 80 лекари, кои ќе бидат вработени во службите за итна медицнска помош во здравствените домови низ Републиката и се засноваат на веќе изготвени протоколи за ИМП, чија цел е да обезбедат ефикасна, адекватна и брза здравствена грижа за пациенти кои се наоѓаат во животно загрозувачки состојби, рече Тодоров.
 
Проектот ќе се одвива во две фази: подготвителна фаза која се состои од формирање тимовите за обуки, адаптација на протоколи за работа и изработка на модули за обуки, дефинирање на потребната опрема и материјали кои секоја служба за ИМП треба да ги поседува за да може да ги изведува процедурите кои ќе бидат субјект на обука, набавка на потребна опрема и материјали од страна на секоја служба за ИМП, дисеминација на протоколите и материјалите за обука до службите за ИМП со цел нивно запознавање пред одржување на обуките, како и фаза на реализација на обуките која се состои од одржување тридневни настани на обуки на основа на веќе подготвени модули за едукација за секој член од тимот за итна медицинска помош (лекар, сестра и возач), тестирање на стекнатото знаење и сертифицирање на обучениот персонал.
 
Поконкретно, укажа Тодоров, во доменот на трауматологијата, обуките ќе опфатат обука за справување со повеќекратни и тешки трауми, во доменот на кардиологијата, обуките се опфатат повеќе состојби кои се најфрекфентни - почнувајќи со обука за поставување надворешен неинвазивен транскутан срцев пејсинг.
 
- Надворешниот неинвазивен транскутан пејсинг се изведува преку надворешно поставени електроди (во вид на лепенка која се лепи на кожата), која дава електричен импулс со цел ритмична стимулација на срцевиот мускул. Овој апарат се поставува кај хемодинамски компромитирани пациенти, пред се заради несоодветен срцев ритам (синусна брадикардија, појава на блокови итн). Транскутаниот пејсинг треба да се постави без одложување кога постои пореметување на системот за спроведување кога има блок и втор и трет степен, истакна Тодоров.
 
Тој наведе некои од ситуациите во кои пациентите кои можат да имаат бенефит од поставување надворешен транскутан пејсинг, а тоа се: пациенти со акутен инфаркт кои покажуват знаци дека ќе направат блок, при транспорт за кардијална хирургија и во услови на ризик за развој на посткардиоверзна брадикардија и др.
 
Тодоров рече дека ќе бидат и организирани обуки и за други состојби од кардиоваскуларна природа, како на пример: брадикардија кај возрасни, како и брадикардија кај деца, срцев удар, алгоритам на тахикардија кај возрасни, како и алгоритам на тахикардија кај деца, акутен коронарен синдром, неправилна работа на вградлив кардиовертерен дефибрилатор
итн.
 
Обуките ќе ги вршат шест тимови составени од експерти вработени во универзитетските клиники во Скопје. Секој тим се сости од три члена и тоа: еден специјалист по анестезија и реанимација, еден специјалист по трауматологија и еден специјалист по кардиологија. Одговорни за сите тимови се проф. др. Елизабета Србиновска, кардиолог од университетската клиника за кардиологија и проф. др. Виктор Камиловски, трауматолог од клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
 
- Во контекст на подобрување на работата на службите за ИМП, сакам да споменам дека паралелно работиме и на кадровско доекипирање на службите за ИМП во цела држава, бидејќи последната анализа покажа дека речиси во сите служби на ИМП недостигаат одреден број лекари за доекипирање на тимовите (има доволен број средно медицински кадар). Од предвидените 200 вработувања во ЈЗУ – се планира вработување на 80 доктори, кои, согласно потребите ќе бидат распоредени во сите служби на ИМП во државата, потенцира Тодоров.
 
Втор значаен проект, кој ќе придонесе за унапредување на работата на Итната медицинска помош, како што рече, е набавката на 70 нови амбулатни возила, опремени со најсовремена медицинска опрема.

- Договорот е веќе склучен и фирмата има оврска во рок од шест месеци да ги испорача возилата, додаде министерот за здравство.