Ристовски: Патролната социјална работа дава резултати, ќе продолжи и ќе се прошири

Поради постигнатите добри резултати новата форма на социјална работа таканаречената патролна социјална работа ќе продолжи да се спроведува и во наредниот период, а ќе се прошири од првичните три пилот општини во уште дополнителни пет.

За период од шест месеци, колку функционирала патролната социјална работа отворена е социјална карта за 95 лица, кои биле во социјален ризик и се вклучени во системот на социјална заштита, на 119 лица кои досега немале извадено лични документи им е дадена помош тоа да го направат, остварени се средби со психолошко-педагошките тимови во 19 основни училишта за да се обезбеди секундарен превентивен пристап кон децата кои имаат ризично однесување.

Исто така, дадена им е помош на 95 стари лица, на 45 лица кои имале истечена лична карта, а од разчлични причини не можеле да ја заменат помогнато им е тоа да го направат, остварени се контакти со Агенцијата за вработување за вклучување на 18 лица во програмите за самовработување, а за 6 лица е обезбедно вработување во приватниот сектор...

- Изминатиот период овие патролни социјални работници придонесоа да се откријат и да се санираат голем број проблеми. На ово начин озбезбедивме целосна идентификација на појавите коои што го попречуваат развојот на поединците, групите и самата заедница. За секој детектиран случај во кој одредено лице се наоѓа во социјален ризик, тимовите водеа индивидуална социјална карта во која се внесуваат податоци за самото лице, проблемот кој е воочен и начинот на кој ќе му се помогне на лицето..., рече на денешната прес - конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тимовите во трите општини, Ѓорче Петров, Гази Баба и Центар, се составени од по три социјални работници. Предвидено е патролната социјална работа така да функционира и во петте други општини што ја прифатиле идејата - Битола, Штип, Куманово, Велес и Шуто Оризари.

Патролната социјална работа Министерството за труд и социјална работа ја спроведува со поддршка на општините и Црвениот крст.