Јанакиески: Изградбата на железничкиот Коридор 8 започнува на пролет

Согласно планираната динамика изградбата на железничкиот Коридор 8,  на патниот правец Куманово-Бељаковце, треба да започне во февруари или март следната година, изјави на денешната прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

- Во тек се преговори со Европската Банка за обнова и развој, од каде се планира годинава да се обезбедат финансиски средства во висина од 46,4 милиони евра и градбата на делницата Куманово-Бељаковце да започне во текот на 2013 година и да заврши најдоцна во 2017 година, рече Јанакиески.

Тој додаде дека се одобрени грант средства од инструментот WBIF за избор на консултанти кои ќе вршат надзор на делницата Куманово-Бељаковце во износ од 2,5 милиони евра.

- На 29 март годинава  ЈП Македонски железници Инфраструктура има склучено договор со консултантската компанија ИЛФ од Австрија, која треба да го изработи проектот и тендерската документација за избор на градежна фирма. Согласно планираната динамика  се очекува во септември да се распише повик за ангажирање на градежна компанија, а во февруари или март следната година да се започне и со градежните работи од Куманово до Бељаковце, додаде тој.

Европската Банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, како што рече, како предуслов за идни кредитни задолжувања, а со цел изградба на Коридорот 8 во дел на железничката инфраструктура, посочиле дека потребно е раскинување на договорите кои ЈП Македонски железници Инфраструктура, односно претходниците на ова ЈП, ги имаа склучено со градежните компании, согласно претходно донесен закон.

- Затоа Владата на Република Македонија на својата последна седница предложи закон за престанување на важењето на Законот за обезбедување средства за финансирање на програмата за изградба на железничка пруга, кој е донесен во 1994 година кога на големо се најавуваше изградбата на Коридорот 8. Но, за жал, само две години имаше градежни активности, а во 2004 година тогашната влада и официјално ги прекина сите градежни работи на оваа железничка пруга, рече Јанакиески.

Притоа, како што истакна, небиле преземени никакви активности во однос на конзервација на веќе изградените или започнатите објекти, ниту пак биле преземени мерки за раскинување на договорите со градежните компании.

- Веќе имаме раскинато договори со три компании по вонсудски пат, а со овој закон ќе се раскинат и останатите два договори, рече министерот и додаде дека поради тоа што претходно не се раскинале договорите направени се штети од околу 20 милиони евра.

Во однос на делницата од Бељаковце до Крива Паланка, како што рече Јанакиески од Европската инвестициска банка имаат добиено писмо во кое се вели дека ќе влезат во реализација на овој проект, за кој се потребни 145 милиони евра за градежни работи.

- Според планираната динамика градбата би започнала најдоцна во 2015 година, а би завршила во 2020 година, истакна тој.

Во однос на делот од Крива Паланка до Деве Баир, кој, како што посочи Јанакиески, е најтежок и најскап, Министерството за транспорт и врски поднело барање до ИПА за обезбедување на средства во висина од два милини евра за изработка на основните проекти.

- Се проценува дека оваа делница ќе чини 332 милиони евра, средства кои треба да се обезбедат од ИПА, Европската Банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, посочи Јанакиески и додаде дека изградбата на оваа делница се планира да започне во 2017 година, а да заврши во рок од пет години.

Зборувајќи за западниот дел од Пан европскиот коридор 8, односно делницата Кичево-Лин, министерот рече дека во текот на 2009, 2010 и 2011 со средства од буџетот се изработи Физибилити студија од Градежниот факултет, а во март 2011 година добиени се позитивни завршни извештаи.

- Во декември преку оперативната програма се побарани пет милиони евра за изработка на главен проект, кој треба да се изработува минимум две години, а потоа би започнувала и реализацијата на овој дел од железничката пруга, нагласи Јанакиески.

Според него, ова е правиот пат за изградба на железничкиот Коридор 8. - Во 1994 година е направена огромна грешка, при што се потрошени милионски суми и затоа сега немаме функционална железница. Со законот кој е доставен во Собранието на Република Македонија ќе се надминат проблемите и потоа ќе можеме да склучуваме договори со Европската инвестициска банка, додаде Јанакиески. 

Тој најави дека пругата кон Бугарија би требало да биде завршена во 2020 година.

Прашан до каде е реализацијата на проектот за изградба на висококатници во Аеродром, Јанакиески одговори дека веќе е издадено одобрение за градење од општина Аеродром и дека се очекува градежните работи интензивно да започнат многу скоро, бидејќи сите административни препреки се надминати.