Нова Бела книга на одбраната по повод 20 години од формирањето на АРМ

Идните реформски напори во одбраната ќе бидат фокусирани на развој на нови и поголеми оперативни способности на Армијата за исполнување на националните и меѓународните обврски, како и за зголемување на институционалните капацитети на Министерството за одбрана.

Тоа го истакна денеска министерот за одбрана Фатмир Бесими, во обраќањето на научно-стручната расправа за нацрт верзијата на Белата книга на одбраната, што ќе се публикува повторно по седум години.

Наша цел, укажа Бесими, е 50 проценти од идните оперативни способности на Армијата да бидат распоредливи надвор од националната територија и способни за учество во целиот спектар меѓународни операции, вклучително и операции за колективна одбрана на НАТО.

Според Бесими, стратегиски мисии се одбраната и заштитата на територијалниот интегритет и независноста на Македонија, учество во колективната одбрана на НАТО, придонес во операции во целокупниот спектар на миисии на ОН, НАТО и на ЕУ и заштита на пошироките интереси на Македонија.

Министерот за одбрана  појасни дека публикувањето на Белата книга треба да биде сеопфатен транспарентен документ што ќе ја претстави националната безбедносна и одбранбена политика, придонесот во евро-атланската и регионалната безбедност и стабилност, долгорочниот план за развој на одбраната, како и поддршката на одбраната со ресурси. 

- Со Белата книга ќе ги реафирмираме националните вредности и интереси за целосно остварување на приоритетните цели особено со тие што се поврзани со што поскоро пристапување кон полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Република Македонија има добро консолидирана политичко-воена рамка според која ја спроведува националната безбедносна и одбранбена политика, оцени Бесими.

Според професорот Владо Поповски,  во проценките на ризиците во однос на одбраната и на Македонија во целина, покрај глобалните параметри кои имаат улога на генерирање одредени нови закани, особено се третира  регионалниот контекст. 

- Тој останува клучен поради фактот што Балканот е единствениот поприлично  ризичен регион во европски рамки. Тоа значи дека треба уште многу да се направи, а Белата книга на одбраната укажува на кој начин МО и сите  други институции на Македонија ќе придонесат кон регионалната стабилност и безбедност. Ќе треба многу нешто да се направи за да се зголеми довербата за да се создадат заеднички механизми на запознавање, приближување и усогласување на одбранбените капацитети  на земјите во регионот за да може да се каже  во некое догледно време  бидејќи засега не може да се каже дека регионот е безбеден, засега можеме да кажеме  дека е оптоварен со ризици кои можат да испливаат и очекувано и неочекувано, изјави Поповски.

Според него, мошне важна е и оценката дека одбранбената и безбедносната состојба на Македонија клучно зависат од внатрешно политичките односи, а внатрешната политика во целина зависи од надворешната.

- Македонија е мултиетничко општество,  има голема невработеност, голема сиромаштија, социјалнио-економски проблеми, нема развиен политички дијалог до посакуваното ниво, односот на позиција и опозиција се прилично затегнати, меѓунационалните односи се чувствителни, што значи дека целокупниот  концепт на безбедноста и на одбраната зависи  поприлично од работа на овие теми и брзо трансформирање на состојбите, рече Поповски.

Новата Бела книга на одбраната, изработена од експерти, треба да биде објавена по повод 20 години од формирањето на АРМ. Во неа треба да бидат презентирани досегашните реформи во одбраната, како и визијата за таквите идни процеси.