Попоски: Идејата за балкански Бенелукс нема основа

Идејата за Бенелукс на Балканот нема основа со оглед дека евроинтеграцијата во регионот е во поодмината фаза, оцени министерот за надворешни работи Никола Попоски на денешната средба со новинарите.

Според него, Македонија не би требала да се ограничува во економската соработка само со Албанија, Косово и Црна Гора, туку на придобивките од соработката што веќе постои со поширок круг на земји.

- Од денешен аспект и контекст, идејата за Бенелукс на Балканот нема основа. Прво европската интеграција е во многу одмината фаза. Кога говориме за движењето на лица, конкретно со две од трите држави веќе имаме движење на граѓаните само со лични карти, со третата работиме во тој правец и мислам дека многу брзо може да се очекува да се конкретизира. Во врска со протокот на стоки имаме одлична рамка, тоа е ЦЕФТА, преку која имаме интегрирање во еден заеднички пазар. Тоа е во 99 отсто реализирано, рече Попоски.

Тој посочи дека истото ниво на интегрирање што го имаме со тие три пазари, го имаме и со Србија, а индиректно како земја кандидат и со Бугарија, со Грција, потоа со БиХ, Хрватска и, вели не би било логично да се лимитираме на мал круг, кога го имаме истото како придобивка во голем круг.

- Ние принципиелно сме за секој тип интеграција, бидејќи, дефинитивно ги гледаме сите земји од регионот како дел од европското семејство. Она што е значајно е дека тоа го правиме на исто ниво и со ист пристап кон сите земји од регионот без ограничување на две, три, четири земји, туку најсеопфатно можно, рече шефот на дипломатијата.

Тој додаде дека единствен политички контекст кој е релевантен за земјите од регионот е перспективата за интегрирање во ЕУ и сите регионални инцијативи треба да се гледаат низ таа призма.

- РМ има стратешки интерес било на економски било на политички план да ги интензивира овие интеграции. Не гледам зошто политички би се лимитирале на неколку доколку можеме политички да се вклопиме во едно поголемо семејсство кое нуди поголеми можности, рече министерот Никола Попоски.