МВР разоткри меѓународна криминална група која фалсификувала странски патни и лични исправи, кривична против 18 сторители

Министерството за внатрешни работи, по спроведена повеќемесечна меѓународна истрага со полициските служби од земјите од регионот (Косово, Црна Гора, Бугарија), како и полициите на Австрија, Холандија и други, а во координација со ЕУРОЏАСТ и СЕЛЕК центарот во Букурешт, разоткри меѓународна криминална група која подолг временски период се занимавала со набавување и фалсификување странски патни исправи, лични карти, возачки дозволи, осигурителни картички, дипломи, како и изготување документи  и  исправи од институциите на Република Македонија (возачки дозволи, АДР лиценци и др).

По истрагата и акцијата под псевдоним „КОНДОР“, приведени се вкупно 12 членови на криминалната група на возраст од 21 до 62 години, од Скопје и Прилеп, додека шест лица не се достапни на органите на прогонот.

Во текот на денешниот ден, врз основа на издадени наредби од страна на истражен судија, од страна на Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал, извршени се претреси во шест објекти на подрачјето на Скопје, сопственост на дел од пријавените лица. Притоа се пронајдени опрема и средства кои биле користени за изработка на фалсификуваните документи: шест компјутери, еден лап топ компјутер, 84 бланко картички, фолии за пластифицирање, фалсификувани косовски дипломи, специјални лупи, машина за пластифицирање, бланко фолии, фотографии и фотокопии од документи од лица, десет принтери, едно УСБ, фотографии од лица и др.

По целосно расчистување и документирање на случајот, во текот на денот, од страна на Центарот за гонење на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, ќе биде поднесена кривична пријава против 18 сторители, од кои 17 македонски  и еден косовски државјанин, поради постоење основано сомнение дека се сторители на кривично дело „злосторничко здружување“ и  „фалсификување исправа“.

Дел од припадниците на организираната група, соопшти денеска МВР, и претходно се пријавувани за различни кривични дела, додека еден од нив треба да издржува и десетгодишна казна за сторено кривично дело убиство. Целата група, според оперативните сознанија, подолг период, во изминативе десетина години се занимавала со фалсификување документи.

Организираната криминална група е составена од македонски и косовски државјани, чии организатори се двајца македонски државјани, соопшти денеска МВР, подолг временски период се занимавала со набавување различни странски и домашни документи (оригинални важечки документи и бланко обрасци), на кои потоа по претходен договор со посредници, од повеќе земји во регионот и земјите на ЕУ, со употреба на специјална опрема се вметнувани податоци и фотографии од лица „нарачатели“ на фалсификуваните документи.

Криминалната група имала добро разработен начин на делување, така што по остварени телефонски контакти, лични средби и договори, помеѓу посредниците и фалсификаторите од Македонија, посредниците електронски доставувале фотографии и податоци за лицата за кои биле наменети фалсификуваните документи и видот на документот кој треба да биде изработен. Согласно видот и квалитетот на фалсификуваниот документ била определувана и цената која се движела од 100 евра до 3.500  евра.